ПИВОФЕСТ

ivce1Го дочекавме петнаесеттиот ПИВОФЕСТ. Се создаде традиција. Убава. Атмосферата прекрасна. Доаѓаат гости, се разлева музика, чури скарата, се налеваат чашите со пиво. Но, како по традиција се повторува и една грешка – името на фестивалот. Тоа никој не го гледа и никому не му пречи. Сме се изјаснувале и порано за оваа јазична недоследност. Сме ја разгледувале од повеќе агли, сме пребарувале во многу речници, граматики, правописи. Бидејќи тоа е новосоздадена именка, не е одбележана никаде. Но, постојат правила кои укажуваат како да се пишува именката ПИВОФЕСТ. А така треба, токму така – ПИВОФЕСТ (како еден збор), а не ПИВО ФЕСТ, како што е напишано на флаерот пред нас. Нема овде да го повторуваме пишуваното порано. Само накратко. ПИВОФЕСТ е сложена именка со спојување на именките ПИВО и ФЕСТ, скратена форма од именката ФЕСТИВАЛ. Постојат повеќе случаи. Некои од постаро време, а некои новосоздадени. На пример, одамна е позната именката СЕНОКОС, дојдена од СЕНО и КОСИДБА. Никој не би го напишал тоа СЕНО КОС, туку едноставно – СЕНОКОС. Имаме нова сложена именка – ЈАБОЛКОБЕР. Добиена е од именката ЈАБОЛКО и скратената форма од именката БЕРБА (или берење). И тоа си се пишува слеано – ЈАБОЛКОБЕР, а не ЈАБОЛКО БЕР. Ист е случајот и со ПИВОФЕСТОТ, а иста е и грешката што се повторува веќе 15 години. Белки на шеснаесеттиот пат ќе биде поправена. Не е тоа неважна работа. Чудно е зошто јазикот останува последна грижа, или би рекле, никаква грижа. Грлата ни зарипнаа од викање дека јазикот и идентитетот не ги даваме. Е, па, јазикот е нашиот идентитет.

Еве уште неколку грешки, навидум ситни. Зборува еден политичар и ја завршува својата мисла: “Тука е министерот, ЈА ќе му дадам збор НЕГО”. Заменката “ЈАС” веќе ретко ја слушаме. Сите велат “ЈА”. А и другата грешка е мошне честа – “Ќе МУ дадам збор НЕГО”. Ова се учи уште во основните училишта. Ако е кратката заменска форма “МУ” тогаш заменката е “НЕМУ”. Значи, “Ќе МУ дадам збор НЕМУ”, а не НЕГО. Се прави и една друга слична грешка. Во своето излагање, извесна пратеничка објаснува што требало да се направи, што ни е најпотребно. Таа вели: “Нас ни треба…”. Ова не го слушаме само од неа. Напротив, од најголемиот број пратеници, а и од други. Нема да должиме со објаснување, ќе кажеме само како е правилно: “НАМ ни треба”, а не “НАС ни треба”. Друго е ако треба да се рече: “Нас нé критикуваат” или “Нас нé бркаат” и слично. Тука ќе се употреби заменката “НАС” и скратената форма “НЕ” (НАС НЕ). Но ако треба: “Нам ни е потребно”, “Нам ни е тешко”, “Нам ни е топло”, тогаш ќе се употреби заменката “НАМ” и скратената форма “НИ”. Накратко: НАМ НИ, ВАМ ВИ, НИМ ИМ, но: НАС НЕ, ВАС ВЕ, НИВ ГИ. Еве еден пример: “ВАМ ВИ велам дека НАС НИ требаат пари”.

Можеби малку нејасно за обичниот човек, но оние што завршиле факултет и се на високи позиции, тоа треба да го знаат.                   

Loading