БАНСКО Е ШАНСА ЗА 22 ПРВОТИМЦИ

Фудбал: Втора фаза од подготовките на Победа

Во Бугарија ќе се одиграат четири тест-меча

Sobiranje sili za bodovi - ekipata   na Pobeda

Летото е период за одмор на спортистите, но не за сите, особено за професионалните, како што се фудбалерите на Победа. Тие вчера  отпатуваа за Банско, Бугарија, каде од денеска ќе почнат со тренинзи во рамките на втората фаза од подготовките за претстојната прволигашка сезона. Желбата е да се одработи и овој дел, онака како што се реализира претходниот, во сала за вежбање и на теренот Могила.

Атмосферата е одлична. Не може да биде поинаку кога има резултат од досегашната работа. Првите ефекти беа видливи на првата контрола, во Охрид, со прволигашот Ренова. Тимот, петтопласиран од последното првенство, беше убедливо совладан со 3-1, со двата гола на Цветаноски и еден на Мустафов. Првото полувреме ефикасно одигра нападот, непробојна беше одбраната на чело со голманот Талески, а во вториот дел повратникот меѓу стативите, Јованоски, одбрани пенал. Покрај него, во екипата настапија сите останати новодојдени: бранителот Хумбатов, за врска Ацески и напаѓачот Маневски.

Откако два дена се тренираше, потоа следеше ден за одмор, вчера отпатуваа 22 првотимци: Дав. Талески, Јованоски, Котевски, Георгиевски, Крстески, Илиески, Ристевски, Илијовски, Хумбатов, Најдовски, Ацески, Мустафов, Ј. Наумоски, Карчески, Цветаноски, Трајкоски, Маневски, Неданоски, М. Наумоски, Гешоски, Шаркоски и Станиќ. Претстојат 11 дена макотрпна работа за достигнување на повисока форма, низ тренинзи и натпревари. Во Банско екипата веќе била и ги знае одличните услови, така што нема никаков сомнеж за постигнување на планот. Закажани се три пријателски меча – со Монтана (14 јули), Академија Пандев (16 јули) и Делчев Пирин (22 јули), а најверојатно ќе има уште еден дуел, со противник што дополнително ќе биде договорен.

Тренерот Зоран Штерјовски, вклучително уште три по враќањето (со Лирија, Саса веќе утврдени), испланира вкупно осум пријателски натпревара, бројка сосема доволна за подготвено да се пречека стартот на Првата лига на 13 август, за чиј распоред ќе има ждрепка на 25 јули.

Продажба на дресови

Клубот Победа излезе во пресрет на барањата од многубројните симпатизери во врска со продажбата на опремата. Во тек е понудата за купување на оригинален дрес или тренерки, токму такви какви што носат и фудбалерите. На дресовите и тренерките ги има клупските белези. Истовремено се продаваат и сезонски билети за сите првенствени и куп-натпревари.

За симпатизерите што ќе купат комплет дрес и тренерки следува награда – гратис билети за претстојната сезона.

Крстески играч – директор

Пополнето е местото спортски директор на Победа. Функцијата ќе ја извршува стоперот Александар Крстески. Во иднина ќе биде и играч, и директор. Дека може да биде успешен на двете полиња се виде од стартот на подготовките. Учествуваше во организациските работи на клубот, контактираше со новите играчи, ги пречекуваше, а на првиот тест-меч со Ренова одигра во првата постава на стоперската линија.

Крстески (34) има огромно искуство како играч и на: Слога, Работнички, Вардар, Тетекс, Металург, Пелистер, Дрита, Динамо Тбилиси, Челик Никшиќ и Шкумбини Пеќ.

Loading