ГРЧКИ ПОЧЕСТИ ЗА ЈОВАНОСКИ

Пинг-понг

Како вино се прилепските пингпонгари, колку постари – толку подобри. Селекторот, играч – тренер на Младост, Зоран Јованоски игра како во најдобрите времиња. На турнирот во Лемос, Грција, освои три медали, пехар и парична награда. Во групата за ветерани, во двојки со Миле Петрески беа втори, а поединечно Јованоски првак, со финална победа од 3-0.  Во апсолутна конкуренција направи подвиг и во борба со многу помладите успеа да биде трет. Од настанот пренос вршеше Радио Лерин.

И претходно Јованоски беше на ниво, на два меѓународни турнира.  Во Скопје за ветерани (50-59 години) стигна до четвртфинале, а во Штип во истата категорија до финале, каде загуби од Миле Петрески.  На овие турнири се истакна Ѓоко Јочкоски. Во Штип Јочкоски стана прв во ветераните (35-49 години), победувајќи меѓудругите и двајца Срби, од кои едниот двапати. Истиот ден собра сили за во апсолутна конкуренција, каде загуби од многу помлад Србин во полуфинале. Во Скопје, во апсолутна конкуренција загуби дури во финале, исто од Србин.

Loading