АКО НЕ ЗА ТИТУЛА, ДА СЕ БОРИМЕ ЗА КУП-ПЕХАРОТ

Фудбал: Борче Маневски, повратник во Победа

– Тоа се нокаут-натпревари, каде има изненадувања и секој секого може да победи

Vo stariot dres - Borce   Manevski

Победа почна со подготовките, а на првите тренинзи најзвучно ново име е Борче Маневски (32), битолчанец, кој доаѓа од Малта. Настапувал за Победа во најплодните, шампионски сезони. Во кариерата го носеше дресот на десетина екипи, домашни и странски, меѓу кои најпознат е Горник Лечна од Полска. Настапи за повеќе репрезентативни категории.

Повратник сте по долго време?

– По десетина години. Како не е нешто многу променето, атмосферата е позитивна и има уште играчи со кои играв, како Гешоски и Крстески. И тренерот Штерјовски е мој сограѓанин. Сме играле заедно во Пелистер.

Прилагодувањето?

– Очекувам брзо да се привикнам. Не ми треба некој поголем период за адаптација. Очекувам се позитивно да тргне оваа година. Подобри резултати од минатата сезона.

Како се решивте за Победа?

– Не беше тешко. Имав неколку понуди. Штом ме контактираа луѓето од управата на Победа, брзо се договоривме. Не ни преговаравме, туку веднаш се договоривме за едногодишна соработка.

Победа во сеќавањето?

– Дојдов во 2004 година. Бев мошне млад, но следната полусезона постигнав 11 гола и бргу направив трансфер во Полска. Победа ми е во позитивно сеќавање, оти ми послужи како отскочна штица.

Шампионскиот пехар?

– Во сезоната 2003/04 освоивме титула. Беше прва за Победа, прва и за мене. Го кренав пехарот, радоста беше голема, иако како новодојден и мошне млад немав којзнае колкав придонес.

Може ли сегашнава Победа да тргне нагоре?

– Зошто да не. Не знам дали би било добро да спомнам титула. Зошто да не се бориме барем за купот? Како Пелистер што успеа. Тоа се нокаут-натпревари, каде има изненадувања и не победува секогаш фаворитот.

Која беше најуспешна сезона по заминувањето одовде?

– Нема дилеми – во Работнички. Освоивме двојна круна. Ме прогласија за најдобар фудбалер во земјава во 2014 година. Направив уште еден трансфер. Тогаш го достигнав врвот во кариерата.

А сега, три години подоцна?

– Останува да видиме. Сигурно дека ќе вложам максимум, ќе дадам сé од себе да ја оправдам довербата.

Ацески се врати

Уште еден повратник во Победа – Новче Ацески, доаѓа од Финска. Засилување е за средниот ред. Вратата на клубот останува отворена, бидејќи на проба се наоѓаат шестмина: стоперот Турал Хумбатов (Азербејџан), крилниот напаѓач Ериксон Гонзалвес (Бразил), за врска Габриел Миоч (Хрватска), полушпицот Еуген Пеине (Хаити), како и домашните напаѓачи, Александар Најдоски (Вардар С.) и Мартин Мечев (Илинден Д.)

Заминаа: Колевски, Котески, Дан. Талески, Војводиќ, Тошески, Ѓорѓиловиќ и Коњарски.

Тест со Лирија

Екипата на Лирија од Призрен, Косово, е познато име на повозрасните фудбалски љубители. Во системот на некогашната Југославија, Лирија беше чест ривал на Победа. Последните дуели беа во Третата лига – Исток, во сезоната 1991/92. Тогаш прилепскиот тим победи со 0-5 на гости и 3-0 дома. Мошне борбено се играше во второлигашката 1987/88,кога во Призрен беше 2-1 за Лирија, а во Прилеп при пороен дожд со 4-0 славеше Победа.

Двата ривала ќе се сретнат во пријателски дуел на 26 јули во Охрид.

Loading