ШВРКНАТИ ВО МОЗОКОТ

ivce1Еве сме пак со Сашо и со неговата „Збирка“. Има зборови за кои тој насетува дека не се потребни. За нив пишувавме претходно. Но, има и такви, кои можеби сме ги подзаборавиле, а не се за фрлање. Го сретнавме зборот – недоветен. Таа придавка слободно може да се користи. Недоветен е човек на кого му недостасува ум, прост е, будаличок.

Еве и друг израз – “Се тетерај”! Овде има правописна недоследност, треба да гласи – “Се тетерави”, а тоа значи дека некој оди со несигурни чекори, се порева. Му даваме предност на – се порева. Не е грешка ако се рече – се тетерави. Го има тој збор и во Речникот.

Го забележал Сашо и зборот – ШУБЕ. А зошто да не го употребуваме тој збор? Тоа е чувство на непријатност, сомнеж, прикриен страв. Не би требало да го исфрламе од употреба. Старите го користеа почесто. Сега помалку е присутен. Но, не треба да го бркаме.

Слушнал Сашо од некого за некого дека е швркнат во мозоко(т). Зборот швркнат му се сторил туѓ или неумесен. А го имаме ние тој збор. Тој дури може и да се употреби и со повеќе значења. Швркнува (шврка) значи дека удира некој силно со камшик или со прачка. А за швркнат човек велиме за оној кој се однесува како да е швркнат со нешто во мозокот, па реакциите не се баш нормални. Има и друго значење (преносно). Жена која ги менува поначесто своите сексуални партнери велиме дека многу се шврка.

Одбележан е и изразот – “Налет да биде”. Според нас, убав е тој збор налет. Со него се изразува лутина. Некогаш дури и клетва – “Налет да се сториш”. А може дури и клетва, ама неклетва. Некоја баба ќе го колне внучето, но не сака да фати клетвата, па ќе му рече – “Налет да не бидеш” или “Налет да се не сториш”, (а не, да се сториш).

Го сретнавме и зборот тракатанци. Според Сашо, непотребен е. Но, не! Во Речникот на Зозе Мургоски е објаснето дека тоа се ситни алатки, или пак стари непотребни ситни предмети.

Убаво насетил Сашо дека зборовите кочопериш и отарасаш, не се наши. Точно е. Српски се. Кочопериш е петелење. Некој многу се прави важен, се петели. Отарасаш (таму е напишано од тарасиш). Отарасаш, значи да се ослободиш од нешто. Да го откачеш онај што ти здодева. Цепенков користи убав збор со вакво значење: “Чоекот сакал да го ОТСЕБИ ѓаволот”. Значи да го отстрани, да го отфрли од себе.

Долг е списокот со зборови на Сашо. Во претходниот напис одбележавме такви, кои не се за литературна употреба. Овие што ги одбележавме сега, можат да се користат насекаде.

А Сашо, нека продолжи!

Loading