„УЖА“ ФАМИЛИЈА

ivce1Постојат глупа глаголи кои се викаат – ПОВРАТНИ. Тие глаголи се разликуваат од другите по тоа што во нивниот состав секогаш доаѓа кратката заменка – “СЕ”: “Се мие”, “Се врти” и слично. А зошто се викаат ПОВРАТНИ? Со нив се искажува дека дејството се врши врз субјектот, врз подметот, врз самиот извршител. Ако речеме дека Петре берберот го бричи муштеријата, тука не станува збор за повратен глагол. Тука дејството преминува врз предметот, во случајов, врз муштеријата. Но ако речеме – “Петре се бричи” имаме повратен глагол. Дејството се враќа, на самиот извршител, на субјектот. Во случајот, на Петрета. Широка е оваа тема. Ова накратко треба да биде објаснување на една неправилност што ја слушаме често, особено во скопскиот говор.      

Во некој филм тонски превод на една телевизија слушаме ваква реченица: “Се симнав доле”. Овде има две грешки. Прилогот треба да гласи – ДОЛУ, а не ДОЛЕ. А глаголот СИМНАВ (симнувам, симињам), не е повратен. Не може човек самиот себе да се симнува по скали. Човекот СЛЕГУВА по скалите, а не се СИМНУВА. Во обратниот случај (за нагоре) СЕ КАЧУВАМ, имаме повратен глагол, но за надолу, тоа е СЛЕГУВАЊЕ, а не СИМНУВАЊЕ. Човекот може да симнува некој предмет, но не може да се симнува самиот себе. Накратко – СЕ КАЧУВАМ и СЛЕГУВАМ (не се симнувам). За жал, оваа грешка ја слушаме често. Некој се СИМНАЛ од коњот, некој се СИМНАЛ од планина и многу такви.

Ќе се граделе некакви објекти и новинарката не информира дека со тоа клиниките ќе биделе РАСТЕРЕТЕНИ од ГУЖВИ. Редовна и честа грешка со двата збора – РАСТЕРЕТЕНИ и ГУЖВИ. Двата збора се преземени од српскиот јазик, сосема непотребно. Во македонскиот јазик зборот ГУЖВА значи МЕТАЛЕН ОБРАЧ. Се ставаат такви обрачи на чамците во кои се провираат веслата, се ставаат на јаремот за прицврстување на потегот од плугот. И многу други. Во нашиот јазик ги имаме зборовите – НАВАЛИЦА, ТУРКАНИЦА, МЕТЕЖ. Именката ТЕРЕТ исто така ја нема во нашиот јазик. Кај нас тоа е ТОВАР. Во конкретниов случај, најдобро е ако се рече дека ќе се намалат ТУРКАНИЦИТЕ во клиниките. Може и поинаку, но РАСТЕРЕТЕНИ од ГУЖВИ не може и не смее. Се употребува (погрешно) и придавката ИЗГУЖВАН. Да речеме дека на некоја госпоѓа и се ИЗГУЖВАЛ фустанот. Во таквиот случај нашиот збор е ИСТУТКАН, а не ИЗГУЖВАН.

Во контактна емисија на една телевизија се јавуваат луѓето да го кажат мислењето за одредени проблеми кои се поставени како тема. Во случајов темата не не интересира. Не интересира говорот на нашиве луѓе.

Се јавува извесна госпоѓа. Веднаш се гледа, односно се слуша, дека таа сака да се претстави во малку поинакво светло во однос на другите. Ги токми зборовите, ги кити речениците, пренагласено ја приспособува својата интонација. Со други зборови – “Внимавајте, јас сум малку на повисоко рамниште од другите”. Во еден момент, госпоѓата го “украсува” својот исказ на ваков начин. Вели: “Јас, во мојата УЖА фамилија”… Ете така! Зборува госпоѓата за својата УЖА фамилија. Српската придавка УЗАК значи ТЕСЕН, УСКА е ТЕСНА, а УЖА значи ПОТЕСНА. Од сето тоа што го чувме од госпоѓата, иако не ја гледавме, ваквиот израз и прилега според вкупниот впечаток што го остави со својот исказ во “повисок” стил. Нејзе сигурно нашите придавки ТЕСЕН, ТЕСНА, ПОТЕСНА, и звучат простачки – ПОТЕСНА ФАМИЛИЈА!? Ама ако се рече УЖА фамилија, е тоа е веќе нешто сосема друго. Тоа прилега на нивото на ваквото искажување од односната госпоѓа.                                                                                                                                     

Loading