ПОБЕДА МЕЃУ 10 И 7 МЕСТО

Фудбал: Претстојат последните 10 прволигашки кола

-Борбата е за одбегнување на местата за отпаѓање и бараж

Moment od mecot Pobeda - Skupi

Одиграни се 26 кола од Првата фудбалска лига, но и натаму остануваат многу нејаснотии во поглед на конечниот пласман. Со оглед на малиот број на екипи можна е промена на сегашниот изглед, што значи дека мнозинството од тимовите ја немаат резервирано својата позиција. Единствено Вардар може да се смета за шампион, а Шкендија за учесник во Лигата на Европа, додека сите останати се вклучени во голема борба. 

Најинтересна е битката за опстанок. Во неа учествуваат четири тима и засега нема ,,отпишан”. До пред две недели јавноста за безнадежна ја сметаше Брегалница, но штипјаните не мислеа така. Со 7 бода од три меча, особено со триумфот над Македонија ЃП, по долго време ,,сините” се одлепија од дното. Таму сега е екипата од Ѓорче Петров, која пролетва игра најслабо, бидејќи од 24 можни освои само два бода. Засега четири, односно пет бода над овие две екипи е Победа, а во оваа група загрозени може да се смета и Шкупи. Екипата од Чаир има освоено пет бода повеќе од прилепскиот состав.

Победа имаше шанса да биде лидер во оваа група од четири екипи. Изгледаше изводливо да се освојат 8 до 10 бода од максималните 12, на претходните четири меча. За тоа да биде остварено требаше дома да се совладаат Шкупи и Брегалница, на гости Македонија ЃП, а да се додаде бод или три од дуелот дома со фаворитот Работнички. Сметката никогаш не излегува на пазар, така и сега. Со Шкупи преку автогол беше извлечено реми (1-1), со Брегалница, Македонија ЃП и Работнички трипати ист резултат (0-0). И четирите бода не се за потценување, бидејќи Победа ги задржува шансите за опстанок.

Претстојат гостувања на Ренова и Пелистер, потоа дома со Силекс, Шкендија, Македонија ЃП и Ренова, а на гости кај Вардар, Шкупи, Брегалница и Работнички. Победа мора да ја подобри играта, особено во нападот, за да освојува повеќе бодови. Не смее да се дозволи пад на едно од двете последни места на табелата што водат ранг подолу. Ако се задржи 8 место ќе следи бараж со третопласираниот второлигашки тим, а најдобро е да се скокне нагоре, барем на 7 место, за директен опстанок во Првата лига.

Табела:  Вардар 62, Шкендија 51, Работнички 43, Пелистер 37, Силекс 35, Ренова 32, Шкупи 28, Победа 23, Брегалница 19, Македонија ЃП 17.

Пелистер на Могила?

Екипата на Пелистер не може да игра под Тумбе Кафе, бидејќи се реновираат соблекувалните на тој стадион, а алтернативниот терен во Охрид е во реконструкција. Така, битолчаните се пред одлука каде да играат како домаќини на претстојниот првенствен меч со Шкендија. Во опција се Струмица и стадионот на Могила во Прилеп. ,,Зелено-белите” имаат потреба од терен и за в среда, кога ќе бидат домаќини на Брегалница, на реваншот од полуфиналето на Купот.

Во следното коло (сабота, 16 ч.) теренот на Могила е слободен, бидејќи Победа í гостува на Ренова во Тетово.

Loading