ПОЧИТ НА ТРАДИЦИЈАТА

Пред најголемиот православен празник, Велигден, марулскиот пензионер Томе Велјаноски, кој живее во Гетеборг,  Шведска, упатува апел до сите Македонци и верници да се негува традицијата, оти таа е корен на нашиот идентитет. Тој ги охрабрува младите да ги почитуваат вековните вредности, носени од дедо и прадедо, да ги негуваат и пренесуваат адетите на своите наследници. За него, особено важно е негувањето на традициите на  семејната слава и на храмот на селото. Иако е далеку од родното огниште, тој им порачува на своите соселани, иселени насекаде во светот, да се вратат на селската грутка барем за празниците и да завијат оро на писокот на гајдата сред село или во тремот на црквата.

Неуморниот Велјаноски кој за своето село направил многу донации, ги повикува жителите на Марул да не го заборават родното место и да се активираат за организација на селскиот Сведен. Се радува што неколку млади одолеваат на модерниот свет и последниве години се домаќини на селскиот празник кој привлекува над стотина исселеници и гости.

Културното наследство, црквата, постепено се уредува и е доведена до пристојна состојба. Негува надеж дека и младите потомци ќе го продолжат патот на своите предци. 

Loading