ДВА ОТСТО Е ТАЛЕНТ, ОСТАНАТОТО – РАБОТА

Гимнастика: Валентин Ангелески, тренер на Партизан

– За еден месец преку тестови се гледа дали некое дете е за гимнастика или за други спортови – вели стручњакот

Gimnastikata e osnova na site   sportovi - Valentin Angeleski

Во гимнастичката сала од речиси секојдневно може да се сретне во работа атмосфера Валентин Ангелески, тренер на ДГС Партизан. На вистинско место – вистински човек. Цел живот е со гимнастиката. Некогаш беше репрезентативец на Југославија. Ги бранеше боите на скопскиот клуб Орце Николов. Беше десеткратен шампион на Македонија.

Моментната состојба во гимнастиката?

– Сала имаме, но недостасуваат услови. Потребни се јами наместо душеци. Душеците се стар модел, за времето кога не се изведуваа ризични елементи. Имаме само осум душеци, а и со нив вадиме шампиони.

Каде би се поставиле јамите?

– Под вратилото или круговите, но и за партер, прескок. Треба да бидат два метра длабоки, под нивото и полни со сунгери. Тешко без нив. Затоа гимнастиката е сведена на рекреација. Немаме повисоки резултати, не правиме светски елементи.

Како се снаоѓате?

– Тренираме внимателно. Кога би имале јами, с слободно се повлекувам и детето вежба без страв. Во овој спорт се бориме со стравот и со гравитацијата. Ако имаме јама, ќе нема никаква опасност.

Работиш и без условите?

– Ги работиме сите вежби на справи – шесте машки и четирите женски. Тренирам десетина малечки деца со деформитети. Целта е да се отстранат деформитетите, да се зајакне мускулатурата… Останатите 15 тренираат, но од нив само двајца се натпреваруваат на државните првенства. Тие се: Петар Самарџиоски и Ангел Илиоски.

Поконкретно за нив?

– На возраст се од десет ипол години. Првиот беше државен шампион до деветгодишна возраст, а вториот меѓу осумте најдобри . Тренираат веќе неколку години тука и очекувам многу да напредуваат.

Очекувавме поголема бројка во клубот?

– Има откажувања. Заминуваат во други спортови. Гимнастиката е основата на сите спортови. Од овде заминуваат како готови спортисти. Најмногу одат во фудбал, боречки спортови, во ракометните школи…

Правиш строга селекција?

– Без селекција не се напредува. Попусто ќе им го трошиме времето ако не се талетнирани за гимнастика. Не треба да си играме со детето. Не е предмет. За еден месец, преку тестови и различни игри, се гледа дали е за гимнастика, за фудбал или други спртови. Тоа им го кажувам на родителите.

Како да се стане врвен гимнастичар?

– Два отсто е фактор талентот, а 98 отсто е работата. И тие два отсто талент, иако се малку, неопходни се. Потоа со многу труд и жртвување, откажувања, внимавање на исхрана, може да се стане врвен спортист. Не ги спомнав условите кои се подразбира дека треба да ги има. Засега од сето ова сме далеку.

Натпревар во мај

Гимнастичарите на Партизан се подготвуваат за следниот државен натпревар најверојатно во мај. Местото ќе се одреди меѓу три града: Скопје, Кочани и Битола. Прилеп не е земен предвид, бидејќи нема сала што ги исполнува условите. Последенпат градов беше домаќин на гимнастички натпревар во 2010 година, пред реновирањето на Универзалната сала.

Loading