В САБОТА СИТЕ НА МОГИЛА

Фудбал: Голем интерес за дерби-мечот Победа – Шкупи

-Трите бода се важни за опстанокот во Првата лига

Najubavo e doma - Jordanco   Naumoski

Колку поретко го има, толку повеќе се сака. Тоа е фудбалот. Највозрасните љубители, кои ја живеат деветтата и десеттата деценија, потсетуваат дека во првата половина од минатиот век фудбалските натпревари биле реткост и се одржувале по неколкупати годишно. Кога имало натпревар вриело народ околу игралиштето. Така е и сега. По десет месеца дојде денот за првенствен дуел, Победа – Шкупи. Закажан е за в сабота (14 ч.) на стадионот ,,Могила”.

Низ градот, се зборува за фудбалот, што е поволен показател. И во Победа се чувствува атмосферата. Сограѓаните се распрашуваат кога и каде е мечот, што очигледно навестува голема посета. Нема да зачуди бројката од повеќе илјади присутни, ако се потсетиме како беше пред 10 месеца. Ланската пролет, во финишот од второлигашкото првенство, по пет илјади гледачи имаше на мечевите со Велазерими и со Љубанци. Сега е првиот прволигашки дуел дома на оваа генерација. Нема да изненади повторување на истата слика. Треба да се земе предвид дека стадионот на Могила има само околу илјада седишта, а според прописите на ФФМ, доколку интересот е многукратно поголем ќе има натпревар и меѓу гледачите. Кој прв ќе купи влезница и ќе влезе во објектот, тој ќе обезбеди место за седење. За другите преостануваат околните места за стоење.

Иако натпреварот е од големо значење, се апелира гледачите да се однесуваат пристојно. Да нема провокации со здодевни скандирања на национална или верска основа. Желба на сите искрени фудбалски приврзаници се бодовите во фер игра и навивање. Градот да се претстави во убавото, културното лице на Прилеп. За се да биде во ред ќе се погрижат безбедносните служби, во соработка со клупските. Гостински навивачи нема да има, бидејќи нема просторни услови во малиот стадион.

За играчите најбитно е што тревнатиот дел е саниран, израмнет и таму ќе има погоден амбиент за фудбалски мегдан меѓу Победа и Шкупи.

Сите на располагање

Нема повредени, ниту казнети во редовите на Победа, во пресрет на утрешниот натпревар. Играчот за врска Најдовски и напаѓачот Гешоски се враќаат по издржаната пауза за пет жолти картона. Тренерот Зоран Штерјовски ги има сите на располагање.

Победа: Дав. Талески – Ристевски, Крстески, Илиески, Ѓорѓиловиќ – Ј. Наумоски, Коњарски, Најдовски – Војводиќ, Цветаноски, Гешоски.

Шкупи: Зендели – Малиќи, Бајрами, Кривањева, Кадриу – Демири, Ј. Асани, Бериша – Б. Адем, Асани, Лазаревски.

Борба за седмо место

Поради репрезентативните подготовки, 23 прволигашко коло наместо в недела, ќе се игра в сабота. Двојки: Брегалница – Шкендија, Македонија ЃП – Вардар, Работнички – Силекс, Ренова – Пелистер и Победа – Шкупи. На овој дуел борбата е за седмото место.

Табела: Вардар 50, Шкендија 44, Работнички и Пелистер 36, Силекс 31, Ренова 28, Шкупи 21, Победа 19, Македонија ЃП 16, Брегалница 12.

Loading