ТУТУНСКИ ВО 1/4 ФИНАЛЕТО ОД ЈУ-КУПОТ

Историја

Од 31 март до 2 април 1989 година се одржаа четвртфиналните турнири од ракометниот куп на Југославија. Како никогаш претходно, а ни потоа, двете екипи на Тутунски комбинат се најдоа во таа фаза. Машката екипа, со тренерот Ангеле Гулески, играше во Зрењанин, против прволигашите Југовиќ Каќ, Слога Боснапревоз Добој и Пролетер нафтагас Зрењанин. Нерешено изваде со првиот противник (23-23), со вториот (22-22), а загуби само од домаќинот (21-28), актуелен југословенски вицешампион. Одлично одиграа сите ракометари, особено бекот Томче Петрески. Тој беше прогласен за најдобар стрелец на турнирот со 27 гола.

Женскиот тим, воден од тренерскиот тандем Петар Кузманоски – Влатко Коруноски, натпреварите ги играше против три прволигаша, на домашен паркет, во салата ,,Македонија”. Прво загуби од Далма Сплит, потоа од трикратниот европски шампион Раднички Белград, на крајот од Трешњевка Загреб. Најдобар играч беше голманката Бранка Јовановиќ (Раднички), најмлада Билјана Наумоска, а стрелец со 27 гола, Снежана Наумоска (Тутунски).

Loading