ЕДНОДЕЦЕНИСКИ РОДЕНДЕНОТ

ДС одбележува

Со свечена академија што ќе се одржи вечерва од 20 часот Драмското студио ,,Чин 4 Сцена 5,, при ЦК ,,Марко Цепенко,, ќе ја одбележи 10 годишнината. Во присуство на првите луѓе од градот, ДС ќе го означи денот кога пред една деценија била свикана првата средба за формирање на аматерско драмско студио, на која се одзвале седум млади личности. Иницијативата била крунисана со премиерата на првата претстава ,,Женско Царство,, во режија на актерот Милан Секулоски.

– Минатите 10 години ДС имаше 60 премиери со над 700 млади актери од градов, Ресен, Битола, Крушево, Македонски Брод… Претставите ги следеле над 100 000 лица. Од ДС излегоа успешни актери, режисери, композитори, правници, доктори, водители, кинематографи… Тоа стана расадник и репер за успешна приказна за аматерски театар. Веќе 10 години им пркоси на сите дилетантски обиди за разнебитување на зборот аматер – вљубеник во театарот. Целта е театарско описменување и културна наобразба и создавање на ,,стручна,, публика – велат од ДС.

На академијата ќе бидат доделени благодарници на сите кои низ годините биле поддржувачи на визијата на ,,Чин 4 Сцена 5,,. Ќе се соопштат и резултатите од конкурсот за избор на најдобар драмски текст, распишан пред три месеци.

За крајот на оваа полусезона ДС најавува обнова на првата претстава, ,,Женско Царство,, со премиера на почетокот на април, и премиерата на ,,Лет во место,, од Горан Стефановски, на крајот на април.

Во рамките на ДС, работи и училиштето за театар, во кое членуваат 30-тина млади од 6 до 30 години.

Loading