ШАХ ЗА ГЛУВИ

На 1 и 2 април Општина Прилеп ќе биде покровител и домаќин на државното првенство во шах за глуви и наглуви лица. Ова беше договорено на средбата помеѓу градоначалникот, Марјан Ристески и претставниците на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија кои ја посетија Општината. На првенството ќе учествуваат натпреварувачи од цела Македонија.

„Ние како Сојуз имаме 18 здруженија на лица со оштетен слух во цела Македонија и сакавме да се договориме со градоначалникот на Прилеп во врска со одржувањето на државното првенство во шах за глуви лица. Прилепското здружение е локомотива во однос на играњето на шах бидејќи имаме многу шахисти од тука кои се натпреваруваат рамо до рамо со лицата кои немаат проблем со слухот, а имаме и еден шахист кој беше и првак во поранешна Југославија за глуви лица. Искажувам голема благодарност до градоначалникот Марјан Ристески за оваа негова поддршка”, истакна Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија.

Од локалната самоуправа на Прилеп истакнаа дека тие во последните 12 години имаат одлична соработка со Здружението за глуви и наглуви лица.

„Имаме одлична соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија, тие се доста активни, особено здружението од нашиот град, со кое што локалната самоуправа овие 12 години има одлична соработка. Поддржуваме и сме присутни на голем број на настани и манифестации кои тие ги организираат во текот на годината, а еден од поголемите настани е државното првенство во шах за глуви и наглуви лица. Тоа првенство, на кое ќе учествуваат 36 учесници од Македонија, ќе биде под комплетно под покровителство на Општината. Тоа значи дека ќе го покриеме сместувањето на учесниците, ќе обезбедиме храна и секакви други услови за одржување. Ова е доста интересен клуб, има доста таленти во шах и оние кои ќе победат сигурно ќе одат на некој меѓународен натпревар”, изјави Марјан Ристески, градоначалникот.

Инаку, Здружението на глуви и наглуви  лани во декември одбележа 50 години од  постоењето.

Loading