ПОБЕДА ГО ИМА ЛЕКОТ ЗА ФАВОРИТИТЕ

Фудбал: Совладан Вардар, на ред е Шкендија

Прекината е осумгодишната серија на порази

Radost po golemiot triumf vo   Ohrid

Колкупати се потврдило дека фудбалот не е како другите спортови, според многу карактеристики. Една од најбитните е можноста аутсајдер да победи фаворит. Така се случи Победа со 2-1 да го совлада Вардар. Речиси е неможно машкиот или женскиот тим на Вардар да загуби во домашното првенство, а фудбалскиот ,,црвено-црн” шампионски состав падна пред тимот кој се бори за опстанок. Оттука, постојаното храбрење на фудбалерите, давањето поддршка и со најсилните ривали, дава резултат.

– Во мечот влеговме со извесна психолошка криза, без идеја и креативност. Можеби и системот беше малку критичен за таа игра. Направив замени и се вративме на стандардниот систем. Заигравме многу подобро, поагресивно и поорганизирано кон противничкиот гол. Тоа беше клучно. Трите бода се од огромно значење – рече Зоран Штерјовски, тренерот на Победа.

Прилепските фудбалери издржаа во најтешкото. Во првите две пролетни кола, со Пелистер (2-2) и со Силекс (0-2) освоија само бод. Премалку и под планот. Тука се гледаат јунаците. Кога беа ,,отпишани”, заиграа одлично и пријатно изненадија со победата над Вардар. По асистенции на Николче Шаркоски, двата гола се дело на Дејан Цветаноски. Тој блесна кога беше најпотребно, кога многумина губеа верба во неговите квалитети. Беше прогласен за најдобар играч од сите натпревари во 21 коло.

– Радосен сум. Лошо одигравме во првото, но во второто полувреме се уверивме дека можеме да се носиме со противникот. Тргнавме офанзивно, на сé или ништо. Тоа донесе резултат. Вардар не е многу поквалитетен. По есенскиот несреќен пораз во Скопје, се реванширавме со иста  мерка – изјави Цветаноски.

Вардар на првенствен меч од прилепски тим загуби по осум години. Последниот беше во 2009, кога беше истиот резултат 2-1 за Победа. Затоа треба да се запамети составот од последниот меч: Дав. Талески – Ристевски, Крстески, Илиески (46. Шаркоски), Ѓорѓиловиќ – Ј. Наумоски, Коњарски (75. Мустафов), Најдовски – Војводиќ (46. Карчески), Цветаноски, Гешоски.

Славјето со навивачите заврши веднаш по дербито во неделата, а вниманието е свртено кон наредното коло и гостувањето на следниот фаворит. В недела е мечот со Шкендија. Ако е пронајден лекот за фаворитите, тогаш нема да биде изненадување реми во Тетово. Од домашниот состав, поради пет жолти, ќе отсуствува Цуцули, а од гостинскиот Најдовски и Гешоски.

Честитка од Седлоски

– Тежок натпревар на лош терен. И честитам на Победа за освоените три бода. Поведовме навреме и не искористивме шанси за да го решиме мечот. Најголемата опасност од противникот беше од прекините – рече Гоце Седлоски, тренерот на Вардар.

Седмо место

Направен е скок на седмото место и следи борба за задржување на пласманот. В недела се игра 22 прволигашко коло: Пелистер – Работнички, Силекс – Македонија ЃП, Вардар – Брегалница, Шкупи – Ренова и Шкендија – Победа.

Табела: Вардар 47, Шкендија 41, Пелистер 36, Работнички 33, Ренова и Силекс 28, Победа 19, Шкупи 18, Македонија ЃП 16, Брегалница 13.

Loading