ДА НЕ СЕ ИЗГУБИ КОЛЕКТИВНИОТ ИДЕНТИТЕТ

Petreski so vtor romanНаскоро нов роман на Петар Петрески

Писателот Петар Петрески наскоро ќе издаде нов роман. Работниот наслов е “Безимениот”, во кој авторот се зафаќа со темата: „Потрага на индивидуалниот идентитет”, преку приказната на лик кој во одреден момент од својот живот ја губи својата меморија.

– Всушност, романот е метафора за опасноста од губењето на колективниот идентитет, како народ, со кој се соочуваме денес, во нашата денешна македонска ситуација. Народ без сопствена историја, без корен, без идентитет наликува на главниот лик од мојот роман. Таа опасност се обидувам на книжевно – естетски план, преку литературната методологија (ако постои таква) да ја пресретнам и да сигнализирам за нејзината присутност. Главниот лик во одреден момент од својот живот ја губи својата меморија. Бидејќи неговата судбина и потрага по сопствениот идентитетски код, со губењето на неговото сеќавање, се губи и целокупниот систем на општествени и морални вредности кои владееле во неговиот претходен свет. Тој се судира со тој морален кодекс кој изгледа необичен и тешко разбирлив за неговата елементарна логика – објаснува Петар Петрески, автор.

Ова е втор роман на Петрески за кој како независен проект, Министерството за култура даде виза за печатењето. Објавувањето на романот ,,Безимениот,, кој обработува современа тема, поврзана со состојбите во Македонија, доаѓа по ланскиот роман кој беше првенец на Петрески – „Светицата и разбирачот”. Романот третираше современи и вонвремени теми за паднатите морални вредности и инаугурацијата на нов морален кодекс кој на прво место од својата вредносна скала го става, до исклучивост, материјалното и блескавото и како средство и како цел. Од друга страна, авторот, преку апсолутот на љубовта, вербата во нејзината перманентна присутност во структурата на човековото битие, дури до наивност, го гледа можниот излез од денешниот егзистенцијален лавиринт. Од првата до последната страница во романот, владее жилаво и успешно спротивставување на нашироко прифатена животна филозофија, сакајќи да посочи дека обично, каде што е влезот, таму е и излезот. Ја третира човековата егзистенција и неговото паѓање и воскреснување.

Името на Петрески стои и на корицата на збирката раскази „Чудесниот број три”. Тој е потпишан и на кориците на драмските текстови „Трета мајка” и „Песијазол” кои своевремено беа поставени на сцената на театарот  „Војдан Чернодрински”.

Loading