ПЛЕЈ-ОФОТ НЕ Е ИМПЕРАТИВ, А Е ШАНСА ЗА ПРИЛЕП

Ракомет: Стартува пролетниот дел од Супер лигата за мажи

Претстојат дуели со Работнички, Охрид, Борец и Металург 2

Davor Sokoski Prilep

Долгата зимска пауза заврши и време е за продолжение на првенството од Супер лигата за мажи. Подмладената екипа на Прилеп ќе се стреми да се одржи во средината од табелата. Доколку добие шанса, ќе претендира да се пласира и во плеј-офот. За актуелностите од тренерот Ице Соколоски

Како минаа подготовките?

– Од 23 јануари почнавме и во 40 дена ги одработивме сите фази. Последнава недела имавме завршни тренинзи пред пролетниот старт. Веќе подготвуваме тактика за првото гостување во Скопје.

Тимот?

– Задоволен сум од екипата што ќе го носи товарот. Покрај отсуството на повредениот пивот Ѓорѓиески, имавме малку пех и со повредата на бекот Орјоникидзе. По четири – пет дена, се врати на тренинзите.

Младите?

– Младите не се уште на потребното ниво. Тоа е разбирливо поради неискуството. Има многу простор за прогрес. На тоа ќе работиме макотрпно. Им даваме поддршка. Одлучивме да создаваме играчи од нашиот кадар, а не за доведување отстрана. Се движиме во тој правец.

Новите?

– Задоволни сме од квалитетите на бекот Јане Јанчев. Посакуваме да остане подолго во клубот. Голманот Мурат Куртановиќ е млад и физички ветува многу, а и добро работи. Меѓу стативите од есеноска го имаме и Огнен Трајковски.

Пријателските?

– Одигравме пет: по две со Пелистер и Пролет, една со Охрид. Резултатот не беше важен. Се случуваше да водиме со голема разлика во првото полувреме, а во второто да има пресврт. Битно беше да  давам шанса, низ долга минутажа, на младите првотимци.

Пролетниот дел?

– Прво в недела гостуваме на Работнички во Скопје, потоа дома го пречекуваме Охрид. Најважниот дуел е во третото пролетно коло, со Борец во Велес. Тоа ќе биде битка за плеј-офот.

Работнички?

– Противникот нема да го потцениме. Шеесет минути ќе имаме сриозен пристап. Да дојдеме до бодовите, не смееме да се опуштиме во ниеден момент.

Викендов е 15 коло

На програмата се натпреварите: Металург 2 – Еурофарм, Борец – Вардар јуниор, Работнички – Прилеп, Радовиш – Пролет и Охрид – Пелистер.

Табела: Пелистер 34, Охрид 31, Еурофарм 28, Борец 23, Прилеп 20, Радовиш и Пролет 19, Металург 2 – 18, Вардар ј. 11, Работнички 0.

Младински дуел

Интерсен дуел има во Младинската лига, каде Прилеп го пречекува фаворитот Еурофарм од Битола. Гостите предвреме ги имаат запишано бодовите на своето конто, но со тоа не се согласуваат прилепчаните. Домашните ветуваат голема борба и подвиг. На табелата Еурофарм е третоласиран, а Прилеп е осми.

Мечот е в сабота (13 ч.) во ,,Ричко” 

Loading