ИМА ШАНСИ ЗА ДЕРБИ НА МОГИЛА: ПОБЕДА – ВАРДАР

Фудбал: По долги 10 месеци „домаќини“ на гости

Околу игралиштето треба да се постават 1.000 седишта

Posledniot prvenstven mec 2014  na   Mogila

Екипата на Победа со голем хендикеп – играње постојано на неутрален и гостински терен, се обидува да ги задржи шансите за опстанок во Првата лига, а тоа донекаде и успева. Многукратно би било полесно да се постигне целта, ако натпреварите во улога на домаќин ги игра во Прилеп. Оттука, веќе се работи на овој план. Дознаваме дека на игралиштето ,,Могила” е вистинска работна акција и  се преземаат мерки да се доведе во состојба да ги исполни минималните критериуми. Тоа подразбира реновирање на соблекувалните, особено проширување на гостинската просторија, потоа поставување на 1.000 седишта и обезбедување места за известувачи и сниматели.

Надежта е дека со забрзано работење, во убави временски услови, ќе може да се стигне до наредниот првенствен меч, а тоа е дербито Победа – Вардар. Во рамките е на 21 коло, закажано за 5 март во 14 часот. Добро е да биде се подготвено, во интерес на Победа и на навивачите. Затоа што заедно со Победа, оштетени се и навивачите. Само неколку стотини од нив патуваат секаде со екипата, даваат поддршка, а останатите илјадници со душа чекаат да дојде денот за наредниот меч дома. Скоро ќе навршат 10 месеци, откако Победа го одигра последниот првенствен натпревар пред своите гледачи, втролигашкиот со Велазерими, на 14 мај 2016. Претходно беше дуелот со Љубанци. Тие двата, одиграни на Градски, беа и останаа единствените првенствени во градов, во период од година ипол.

Победа нема првпат да игра на Могила. Кога пролетта 2014 теренот од Градски се реновираше, екипата беше второлигашки домаќин на помошното игралиште. Таму последниот натпревар го имаше на 17 мај 2014, против Дрита. Значи, по неполни три години ќе биде враќањето на игралиштето што прераснува во мало стадионче. Желбата е да се случи на 5 март со Вардар, а доколку не стаса реновирањето, тогаш следни мечеви дома се на 19 март со Шкупи и на 2 април со Брегалница. Тука особено е важен дуелот со Шкупи, ако се земе предвид дека со него се води директна борба за опстанок, не само за избегнување на двете последни места од табелата, туку и третото оздола за бараж.

Во меѓувреме, додека трае реновирањето, екипата на Победа тренира на четири локации: Градски, Могила, Зоолошка и во Големо Коњари.

В недела во Кратово

В недела се игра 20 коло, а Победа гостува на Силекс во Кратово. Треба да се очекува барем бод со шестопласираниот тим од табелата. Претходното коло беше Шкендија – Силекс 2-0, Победа – Пелистер 2-2 во Струмица. Стрелци за Победа: Гешоски од пенал и Крстески. Настапија: Дав. Талески – Ристевски, Илиески, Крстески, Ѓорѓиевски – Ј. Наумоски (90. Мустафов), Најдовски, Шаркоски (62. Ѓорѓиловиќ) – Станиќ (58. Цветаноски), Војводиќ, Гешоски. На клупата беа: Тошески, Коњарски, Рамон и Л. Трајкоски.

Табела: Вардар 44, Шкендија 40, Работнички 31, Пелистер 30, Ренова 26, Силекс 24, Победа и Шкупи 16, Македонија ЃП 15, Брегалница 11.

Зоран Штерјовски

Задоволен сум

– Секој бод е драгоцен. Задоволен сум од играта на тешкиот терен. По двете водства на противникот, успеавме да се вратиме. В недела се среќаваме со Силекс, претендентот за Европа. Во Кратово одиме да го прикажеме најдоброто од нас и да останеме непоразени – изјави Зоран Штерјовски, тренерот на Победа.

Во екипата се враќа Карчески. Кон тренинзите се вклучи Илијовски, кој претходно отсуствуваше од подготовките.

Loading