СО ЧЕТВОРИЦА БИТОЛЧАНИ ПРОТИВ ПЕЛИСТЕР

Фудбал: Победа е домаќин во Струмица

V nedela prvite proletni bodovi -   Pobeda

Зимската пауза заврши и претстои продолжението од прволигашкото фудбалско првенство. На Победа í следи тешка битка за опстанок во 18. кола. Оптимизмот го има по одработените 40-дневни подготовки и низ седум пријателски натпревари. Стручниот штаб го реализира планот.

– Го имаме тоа што најмногу недостасуваше во минатиот период. На турнирот во Кавадарци видовме еден ангажиран тим, подготвен, играчи кои се агресивни 90 минути и одат на висок пресинг. Имаме јасна слика за тимот и поединечно за секој играч – вели Зоран Штерјовски, тренерот.

Пријателските беа за пробање разни тактички варијанти. Беше најавено, а сега е извесно дека системот ќе претрпи измени. Победа мора да игра подобро од есеноска, современо и да ги надигра противниците. Испробани се четири вида системи, според распоредот на играчите. 

– Во минатото игравме 4-2-3-1, а на пријателските натпревари пробавме нови формации. Најчесто игравме 4-3-3. Ги запознав играчите со различни системи кои би ги користеле во дадени моменти и на одредени натпревари. Побавме и 3-5-2 и 5-3-2. Мислам дека добро функциониравме, без оглед на резултатите. Системот ќе се менува по потреба од натпреварите и во зависност од противникот. Сигурно дека сите системи ќе бидат употребени – вели Штерјовски.

Прв противник, в недела (14 ч.) е Пелистер. Од битолчани се доживеани два очекувани пораза есеноска, со оглед на тоа што беа одиграни под Тумбе кафе. Поучени од горкото искуство, Победа одлучи да го смени теренот. Така, пелагониското дерби ќе се игра дури во Струмица. Логиката е ,,ако немаме предност, барем да бидеме рамноправни со противникот”.

– Пелистер е квалитетен противник. Се засили на сите линии. Не е потценување, ниту да се преценуваме. Имаме шанси за успех и одиме на три бода. Нема што да се штедиме и калкулираме било со кој противник, Вардар, Шкендија или Пелистер. Играме за освојување на бодови. За нас секој бод е вреден – подвлекува Штерјовски, битолчанецот.

Во редовите на Победа има уште тројца битолчани: стоперот Ристевски, дефанзивниот за врска, Коњарски и офанзивниот, Мустафов.

Победа: Дав. Талески – Дан. Талески, Ристевски, Крстески, Георгиевски – Најдовски, Ј. Наумоски, Л. Трајкоски – Станиќ, Шаркоски, Гешоски. Тренер: З. Штерјовски.

Пелистер: Пашовски – Тошевски, Мишевски, Аугисто, Мециновиќ – Мирчевски, Илиев, Љамчевски – Силва, Илијоски, Лукас.

Тренер: Н. Шенсои.

Сите 26 играчи

За напролет, Победа пријави 26 играчи: голманите Дав. Талески, Тошески и Котевски, одбранбените Котески, Крстески, Колевски, Димитриоски, Ристевски, Илиески, Георгиевски, Ѓорѓиловиќ, Дан. Талески, за врска Карчески, Најдовски, Ј. Наумоски, Петрески, Коњарски, Мустафов, Л. Трајкоски, Војводиќ, М. Наумоски, напаѓачите Шаркоски, Гешоски, Цветаноски, Станиќ и Рамон.

Во првото пролетно коло поради пет жолти картона нема право да настапи Карчески.

Пехар од Кавадарци

Победа најчесто играла на турнирот во Кавадарци, а и многупати го освојувала. Така беше и во неделата, кога во финалето го совлада домашниот второлигаш Тиквеш со 6-0. Стрелци по двапати беа Л. Трајкоски и Гешоски, по еднаш Шаркоски и Ј. Наумоски. Претходно, во полуфиналето, со 5-1 беше совладан скопскиот второлигаш Металург, а головите ги дадоа: Рамон, Војводиќ, Цветаноски и два Карчески.

Третото место е за велешки Борец.

Loading