ПЕХАРОТ Е ЗА РАКОМЕТНИОТ КАПИТЕН БОЗАРОСКИ

Најдобар спортист за 2016 според ,,Зенит”

– Минатата сезона го предводеше тимот на Прилеп до Европа

Peharot na Zenit vo racete na najdobriot spoortist Aleksandara Bozaroski

Колку да доживува криза, прилепскиот спорт уште има светли точки во клубовите, а меѓу нив е ракометарот на Прилеп, Александар Бозароски. За него е пехарот за најдобар спортист во 2016 од ,,Зенит”. Капитенот долги години е пример за успешен спортист, а меѓу најдобрите негови сезони сигурно беше ланската, кога ја предводеше екипата до европскиот куп на ЕХФ.

Стартот на кариерата?

– Со ракометот се дружам од мали нозе. Првите чекори ги направив во Универзална, каде ме носеше татко ми Гоце, тогашен ракометар, подоцна тренер. Сакав повеќе спортови, но најмногу ракометот. Тогаш се роди љубовта кон таа игра.

Првите тренери?

– Најголемиот дел од знаењето за ракометот го добив од татко ми. Можам да го сметам како прв тренер. Во пионерската екипа ме тренираше наставникот од мојата зграда, Методија Спиркоски – Пицакот. Тогаш наставниците ги одбираа и регрутираа децата во некој спорт. И тој ме насочи во ракометната група.

Првите идоли?

– Со интерес ги гледав ракометарите од генерацијата на Миле Нешкоски. Во нив гледав идоли, примери. Каде да ги сретнев, ги гледав. Замислував дека еден ден и ќе бидам како нив. Нон-стоп бев на нивните натпревари и дома и на гости.

Сениорскиот тим?

– Бев трета година средно училиште, кога од младинската екипа ме зедоа во сениорската. Имав двојна регистрација, настапував во двата тима. Ако добро се сеќавам, Костиќ беше тренер тогаш. Во тоа време се освои пехарот од Купот.

Бевте верен на Прилеп?

– Само една година настапував настрана, во Пелистер. Дојде понуда и од Швајцарија, но не сакав да одам поради факултетот.

Пелистер?

– Имаше добра екипа. Финале во Купот и загубивме со два разлика од Вардар. Освоивме вицешампионска титула. Играв со голманот Митревски, пивотот Зарков…

Оценка за 2016?

– Успешна поради тоа што првпат по толку години имавме пласман во евро-куп. Не поминавме славно, оти Винтертур беше пресилен, а кај нас дебитираа некои млади играчи. Битно беше да се промовира ракометот во Прилеп и тоа го остваривме.

Нареднава пролет?

– Продолжуваме со проектот – подмладување на екипата. Тоа ќе има одраз, но тоа се природни процеси. Не се заобиколуваат и доаѓаат кога – тогаш. Сега – засега не се откажуваме од плеј-офот, а за опстанок не треба да се стравува.

Можеше подобро есеноска?

– Немавме голем фонд на играчи. Имавме и повреди, товарот падна на малкумина. Да имавме уште еден – двајца играчи, ќе бевме две места погоре на табелата.

Наследници?

– Има доволно играчи од кои може да излезат добри ракометари на сите позиции. Тука сме да им дадеме поддршка. Нивниот прогрес ќе нé принуди повозрасните на размислување за повлекување во Прилеп.

До кога на паркетот?

– Кариерата е веќе во залез. Добро е некој од младите да ме натера на повлекување. Има кандидати. Штом ќе се појави таков, би се повлекол. Претстои работа.

Ваше мислење за играта 7-6 на Светското?

– Слушам од некој стручњак дека таа игра е помодарство. Но, во некои ситуации помага. Без голман треба многу вежбање. Посебни се акциите што екипата треба добро да ги совлада за да не прими брз гол. Би сакал, ако веќе се служиме со таква акција, тогаш да се користи  кога имаме играч помалку. Доколку беспотребно се форсира ваква игра, со примање брзи голови, се крши моралот на екипата.

Најуспешна сезона

– Годината кога Тутунски излезе во Европа. Учествувавме во евро-куповите, а противник ни беше Пивоварна Целје од Словенија. Ни гостувале ѕвезди ѕвезди од калибарот на Периќ, Рутенка, Кокшаров, Томшич, Милосавлевиќ, Вугринец. Истиот тим стана европски шампион. 

Loading