ТЕЧНИ ИЗЈАВИ НА ИТАЛИЈАНСКИ

Илија Несторовски

Osmi gol vo Italija - Ilija   Nestorovski

Спортскиот амбасадор на градов, Илија Несторовски, по голот што го постигна против некогашниот тим на Марадона, Наполи, беше во фокусот на вниманието од новинарите, особено на тие од Палермо. Иако само половина година на Апенинскиот Полуостров, македонскиот репрезентативец течно говори италијански.

– Многу сум среќен што зедовме бод токму против големиот Наполи. Имавме малку простор за игра, но се боревме пожртвувано и извлековме златен бод – вели прилепчанецот.

По неколку меча пауза без гол, по остар центаршут на Рисполи, Несторовски скокна со глава и топката ја удри силно во мрежата на немоќниот домашен голман, Шпанецот Реина. Тоа е негов осми гол сезонава во Калчо лигата.

– Задоволен сум од голот, но за мене е поважно да се освојуваат бодови. Само тој е вистинскиот правец. Има уште да се игра, верувам дека постојат шанси за спас од отпаѓање – вели голгетерот.

Следната недела е мечот со Кротоне, трет на табелата погледната оздола. Палермо е место подолу, со два бода помалку, така што со евентуален триумф ќе го заземе тоа 18 место.

– Очекуваме победа. Трите бода ќе значат голем чекор за нас. Голем предизвик е и ќе се подготвиме најдобро. Сигурно ќе дадеме се од себе за да го оствариме планот – подвлече Несторовски.

Палермо од претходното коло има нов тренер – Уругваецот Диего Лопез.

Loading