ПРИЛЕП ДА НЕ ПРИМИ НИЕДЕН ЛЕСЕН ГОЛ

Raspolozenie na sekoj cekor - RK   Prilep

Ракомет: Стартуваа првите тренинзи во 2017

– Досега игравме напаѓачки ракомет, а сега ставиме акцент и на одбраната – вели тренерот Соколоски

Почна со работа ракометниот суперлигаш Прилеп и со тоа тргна залетот за пролетните предизвици. Од клубот излегоа отворено да зборуваат за сите актуелности, во интерес на сите приврзаници. Има кадровски промени во стручниот и играчкиот дел, но нема промени во ведрото расположение, кое се чувствува на секој чекор. Притоа, се гради реална стратегија, според можностите.

– Завршивме на петто место и шансите за плеј-офот не се големи, но до последно ќе се бориме за четвртото место. Се надевам на поддршка од јавноста. Имаме нов играч, Јанчев, а на трансфер се Рајчиќ, Мирков и Ангеловски. Досега се гордеевме со младите играчи и ќе продолжиме да им даваме шанса. Тие ќе бидат ,,костурот” на екипата – вели Александар Мариновски, претседателот на Прилеп.

Ново име во Управниот одбор е Ице Чолаков, кој ќе биде технички директор, а по разделбата со тренерот Томче Петрески, екипата стручно ќе ја води Ице Соколоски, со поддршка на помошникот Менде Петлески. Сите се млади и амбициозни луѓе и оттука нема сомнение дека ќе има максимум вложување. Новите луѓе се очекува да продолжат од каде што претходниците застанаа и да внесат нешто свое, ново и полезно.

– По тие предновогодишни превирања дојде до ситуација да се повлече Томче Петрески, кој година ипол беше тренер. Ми беше чест  да соработувам и да учам од име и авторитет каков што е тој. Го прифаќам предизвикот и подготвен сум соодветно да одговорам. Добро е што имаме свои млади играчи, како и неколку засилувања, како некогаш Тутунски. Со Петлески ќе се обидеме да воведеме начин на игра, поразличен од досегашниот. Досега игравме многу напаѓачки ракомет, а сега ќе ставиме акцент и на одбраната. Цел е да не примаме ниеден лесен гол. Најавувам позитивна атмосфера и зголемен број на тренинзи – рече Ице Соколоски, тренерот.

Младите играчи се убедливо мнозинство. Во ростерот влегоа уште седуммина од младинската екипа на тренерите Страшо Илиески и Кочо Трајкоски. Сега вкупно се 22, што значи изборот е голем. Од новите, првиот што се приклучи е кавадарчанецот Јане Јанчев. Иако има одиграно два меча за екипата пред два месеца, сепак се смета за нов, бидејќи во меѓувреме играше во Мароко. Се работи за мошне искусен и квалитетен играч на позицијата лев бек.

– Моите почетоци беа во ВВ Тиквеш, за жал до 2011 година, се растури клубот. Патот ме одведе во Турција и Тунис, за позајмен да преминам во Мароко. Се вратив и пристапив на Прилеп, од каде добив понуда за која сум благодарен. Сакам искуството да го пренесам на младите. Се надевам дека ќе се избориме за плеј-оф и дај боже и повеќе да се направи да го вратиме стариот сјај на Прилеп, оној што го паметам од детството – рече Јанчев.

Од клубот информираа дека сите ракометари биле исплатени пред Нова година, клубот немал финансиски проблеми, благодарение на Локалната самоуправа, Витаминка, Мермерен комбинат, Конфекција Кули, Матадор, Автоконтрол, Кафемати Булевар и другите спонзори.

Орјоникидзе не оди во Пелистер

Цела есен, а и сега во континуитет имало понуди за Теимураз Орјоникидзе, бекот двометраш. Сакаат да го земат повеќе клубови, моќни финансиски, од кои најмногу се споменува битолски Пелистер како најактивен. Меѓутоа, Грузиецот е задоволен од условите во Прилеп и решил најмалку до крајот на првенството да останува тука.

Менде Петлески

Очекувам успех

– Се договоривме со клубот и мислам дека сум подготвен за обврските како заменик-тренер. Претходно не бев одделен од спортот, со оглед на тоа што сум професор по физичко, а и во клубот бев ангажиран со младите категории. Таму има мошне голем прилив на деца. Очекувам голем успех на секој план – се зборовите на Менде Петлески, помошникот-тренер.

Loading