ДВА ПОЕНА ВРЕДНИ КОЛКУ ЦЕЛ МЕЧ

Пинг-понг: Се одигра градското дерби Младост – Младост 96

– Повозрасните победија со минимални 5-4

Aleksandar Stargoski protiv Goko   Jockoski

Градов страда за убави спортски настани, а токму таков беше дерби – дуелот од Супер лигата во пинг-понг меѓу Младост и Младост 96. Беа претставени сите убавини на овој спорт. Имаше ,,искри” на градското ривалство, тактички надмудрувања и пожртвувана борба до крајот. Поведоа младите преку Стомнароски кој го совлада З. Јованоски со 3-2, а потоа израмни Јочкоски со 3-0 над Рикалоски. Ново водство за младите донесе Штаргоски, откако со 3-1 го победи П. Јованоски, но Јочкоски пак израмни со добивање на партијата против Стомнароски со 3-0. Следеа две победи на младите преку Штаргоски и Рикалоски над З. Јованоски и П. Јованоски со по 3-2 и 3-0. Меѓутоа, пак се врати израмнувањето со победите на Јочкоски и П. Јованоски со по 3-0 над Штаргоски и Стомнароски. Така остана последниот, деветти дуел на кој З. Јованоски со 3-2 го победи Рикалоски. Видување на мечот даде најдобриот од победничкиот табор, Ѓоко Јочкоски.

Победивте ,,тесно”?

– Очекував поубедлив триумф, но загубивме неколку партии на кои имавме меч-поени, како и неколку сетови за сет-поени. Не оспорувам дека младите од противничкиот тим многу напреднале. Следниот пат мораме подобро да се подготвиме за резултатот да биде повисок.

Што беше пресудно?

– Деветтата партија. Без оглед на тоа што се случувало претходно и кој ги добил четирите партии, резултатот е 4-4 и одлучува деветтата партија. Таа е тензична сама по себе. Одлучи искуството на нашиот Зоран Јованоски наспроти младиот Рикалоски.

Имавте и среќа?

– Пинг-понгот е игра каде што одлучува дел од секундата. Некогаш пресудува среќата, некогаш искуство… Имавме повеќе спортска среќа, но и повеќе искуство. Знаењето е во тоа да ја исчекаш ситуацијата, да не избрзаш…

Твоите три победи?

– Вложив максимум, го употребив сето знаење да ги победам противниците. Не го оспорувам нивниот квалитет. Имаат простор за напредок, но и за подготовка од наша страна.

Двата бода?

– Добредојдени се за опстанок. Првпат сме во ваква ситуација, оти порано се боревме за титулата. Се надевам дека ќе го избегнеме плеј – аутот. Секој пласман погоре е прифатлив.

Вашиот тим има вкупно 159 години?

– Јас 41, Зоран Јованоски 57, Пеце Јованоски 61. Кога гледам како моите постари соиграчи се вложуваат, даваат сé од себе, ме мотивираат и да дадам максимален придонес за Младост.

Зоран Јованоски

Јунак на 57 години

Дербито имаше драматична завршница со дуелот З. Јованоски – Рикалоски 3-2 (11-13,11-8, 11-9, 10-12, 12-10). Имаше борба и пресврти, а на крајот решавачки беа двата поена во полза на З. Јованоски. Педесетиседумгодишниот се радуваше паднат на колена, со високо кренати раце.

– И болен издржав. Дури не ме победат, ќе играм. Само да сум жив и здрав. Нема откажување – изјави Зоран Јованоски.

Златко Рикалоски

Неизвесност до крајот

Одлично се покажа Младост 96, чијшто збир на години е колку еден од победничкиот состав. Резултатот можеше да биде и обратен.

– Неизвесно до последниот поен. Водевме 4-2, но не успеавме да ја добиеме и петтата партија. Младоста не беше доволна да го совлада искуството. Сепак, задоволен сум од прикажаното и од почитта кон противникот од двете страни – рече тренерот Рикалоски.

Loading