ОДЛИЧНИ УСЛОВИ ВО ФИНСКА

Фудбал: Новче Ацески, фудбалски печалбар

Бившиот првотимец на Победа ќе настапува за екипата на Нарпес Крафт

Zaminuva na Sever - Novce  Aceski

Сигурно еден од најдобрите прилепски фудбалери во последните десетина години е Новче Ацески. Припаѓаше на генерацијата што прв и досега единствен пат во 2004 година ја освои титулата државен шампион во младинска конкуренција. Дресот на Победа го носеше до казните од УЕФА, потоа отиде во 11 Октомври, Напредок Кичево, Интер Запрешиќ и Пелистер, а попатно неколкупати се враќаше во матичниот клуб. Есеноска замина на преговори во Финска и извесно дека таму ќе ја продолжи кариерата.

Што се случи?

– Во Финска појдов на 12 септември и престојував два месеца. Појдов на препорака од некогашниот капитен на Победа, Благојче Дамевски. Клубот е истиот каде што играше тој, Нарпес Крафт.

Како помина таму?

– Одлично. Тренирав и беа задоволни од мене во клубот. Се договоровме нареднава година да играм таму.

Понудата?

– Условите се одлични. Задоволен сум и во февруари заминувам таму.

Што те очекува?

– Прво подготовките, тренинзите и пријателските натпревари, а потоа првенствените. Првенството стартува во април и трае до октомври. Сигурно ќе ја одработам целата сезона.

Дали ќе бидете само фудбалер?

– Засега ќе се посветам само на тренирање и играње фудбал. Понатаму ќе видиме во која насока ќе не однесе патот.

Благојче Дамевски?

– Тој работи и не игра повеќе фудбал. Ја заврши играчката кариера.

Сигурно ја следиш Победа?

– На сите во клубот им посакувам се најдобро. Нека ги остварат сите свои цели и нека напредуваат понатаму секоја година.

Каконен лига

Екипата на Нарпес Крафт учествува во Каконен лигата на Финска, која има три групи. Во претходното првенство, завршено на 1 октомври, пласманот беше на седмото место меѓу 12 тима. Според презимињата може да се забележи дека во составот има играчи од разни националности, а неколкумина се од некогашните југословенски простори.

Нарпес е гратче со десетина илјади жители, а екипата игра на стадион со капацитет од 5.000 гледачи.

Loading