КОСКИТЕ НИ СЕ РЕБРАТ

ivce1Играшe “нашиот” ракометен клуб “Вардар” со некоја странска екипа. Придавката НАШИОТ ја ставивме во наводници затоа што таму игра само еден наш играч. Но, тоа е друга тема.

“Вардар” водеше со голема разлика. Во меѓувреме, противникот се консолидира и ја намали разликата само на два гола. Велиме два гола, а не два погодока како што велат (погрешно) коментаторите. Тоа го слушаме редовно, но еве сега слушнавме и нешто ново. Во еден момент коментаторот вели дека “Вардар” имал високо водство, а еве сега се довел во ситуација да СТРЕПИ за конечниот исход. Ете, “Вардар” ќе СТРЕПЕЛ. Одамна не сме го чуле тој (погрешен) збор во инвентарот на редовните грешки. За овој збор (стрепи) ќе биде потребен поширок коментар. На прв поглед тој веднаш би се превел со – “се плаши”. Но, тоа СЕ ПЛАШИ има или може да има пошироко, поконкретно значење. Да речеме дека некој се плаши од мечка, или од волк. Во случајов не станува збор за таков страв, за такво плашење. Постои овде една малку поинаква нијанса. Затоа, обично се користи зборот СТРАХУВА (стравува). Се разбира, тој збор нема некоја основа во народниот јазик. Внесен е по литературен пат од српскиот – СТРАХОВАТИ, со потребната адаптација. Тој станува неопходен за нашиот современ израз. Значи, постои извесна разлика од СЕ ПЛАШИ и СТРАХУВА (стравува). Во бугарскиот јазик ако се плаши некој, би рекол – “страхувам се”, а за оваа нијанса што ни е сега потребна ќе рече – “опасјавам се”.

Сега ќе го отрфлиме глаголот “се плаши”, “Вардар” се плаши. Ќе мораме да го земеме глаголот СТРАХУВА (стравува). Но, како точно? Дали СТРАХУВА или СТРАВУВА? По теориски пат, од именката СТРАВ може да се изведе глагол СТРАВУВА. А, често ги слушаме зборовите СТРАХУВА и СТРАХОПОЧИТ?! Ги има во Речникот. И, како сега? Многу наши луѓе ја чувствуваат таа ненародска црта. Поаѓаат од фактот дека нашиот народен збор е – СТРАВ и изведенките ги пишуваат со “В” – СТРАВОТЕН, СТРАВОТНО, СТРАВЛИВ, со намера да го понародат наполно овој збор – СТРАХУВА. Така се добива глаголот СТРАВУВА и глаголската именка СТРАВУВАЊЕ. Го имаме, по ваков начин и зборот СТРАВОПОЧИТ. Се уште постои извесно лутање на овој план. Со намера да се избегне “Х” (страХопочит, страХува) се оди на страВопочит и страВува. Сепак, во нашиот јазик постојат и зборови кои го содржат “Х”- ДОХОД, ПРИХОД и слично.

Грешката на спортскиот коментатор, кој го употреби српскиот збор – СТРЕПИ, не натера пошироко да се зафатиме со зборот СТРАВУВА (страхува), за кои рековме дека немаат корен во народниот јазик, а денешната јазична практика има потреба од таков збор. Збор кој со извесна нијанса ќе се разликува од основниот збор – СТРАВ и од глаголот – СЕ ПЛАШИ (има страв). Покрај многуте можни и неможни варијанти постои и еден друг глагол. Иако веќе подзаборавен, сепак, сметаме дека е најсоодветен за конкретниов случај. Кога некој човек не е сигурен како ќе заврши некоја работа што ја работи, кога работите се одвиваат релативно добро, но постои одреден сомнеж, се вели дека човекот СЕ РЕБРИ како ќе заврши таа работа. И “Вардар” СЕ РЕБРИ за конечниот резултат. Ретко, мошне ретко го слушаме овој збор во последно време.

Само за пример. Во есенскиот период се ора земјата. Но, да речеме дека почвата е сува, дека орањето е неможно. Орачот би рекол: “Коските ми се ребрат како ќе изорам ако не заврне дожд”. Човекот нема некој конкретен, голем страв. Се знае дека времето во есен е врнежливо. Сепак, СЕ РЕБРИ, СТРАХУВА (стравува).

Има некои зборови, некои изрази за кои не може да се рече кратко и јасно – вака или така.

Еве, признаваме. И ние се ребриме дали ќе бидеме доволно разбрани.                                                                                                                                                       

Loading