ПОЛОВИНА ЛИГА Е ПОД ПРИЛЕП

Ракомет: Прогрес на женскиот тим

– Планот е зацрврстување на четвртото место кое води во Европа

Kon cetvrtiot triumf - ZRK Prilep

Продолжението на првенството беше успешно за женскиот тим на Прилеп. Во 10 коло е постигната третата победа, во Битола над Пелистер со 21-22. Претставува потполн реванш за поразот пред 45 дена дома со 19-20. Триумфот е највреден есенва, поради тоа што е прв на гостински терен, постигнат на традиционалното пелагониско дерби. Се отворија реални шанси за заврстување на четвртото место кое води во Европа.

Пренесуваме мислење на тренерот Рубин Богојески.

Како беше во Битола?

– За разлика од мечот дома и поразот по наша вина со многу технички грешки, во Битола бевме убедени дека можеме да победиме. Игравме и против домашниот тим и против судиите. Дури 20 минути игравме со исклучена ракометарка. Никаква неправда не можеше да нé сопре.

Што се случи?

– Пресуди огромната желба за победа. Девојките одиграа одлично, според договорот. Одлучи цврстата одбрана, повлечена со 6-0 или 5-1 со “фластер” на нивниот најефикасен играч, бекот Гулицоска. Ги спречивме и нивните контри, не примивме лесен гол.

Голманките Дурланова и Богеска?

– Мошне добри. Богеска почна одлично, а Дурланова одбрани пенал во второто полувреме кога се одлучуваше победникот. После минусот од два гола на полувремето, направивме пресврт и на пет минути пред крајот поведовме со два разлика.

Бекот Саздова даде осум гола?

– Одигра одлично. Од меч во меч е се подобра. Пивотот Камческа постигна пет, голгетерот Јованоска четири, капитенот Крстевска два. Меѓу стрелците се Митревска, Јанкулоска и Рипилоска. Ме радува тоа што мрежата ја тресеа седум ракометарки.

Викендов гостувате на Гевгелија?

– Противник што убедливо со 23-17 го совладавме дома, но секако дека ќе биде потешко на гости. Трите бода ги имаме во планот и за нив ќе се бориме.

Доаѓаат Гркинки

Во средата беше очекуван пораз (22-28) дома од фаворитот Вардар јуниор, а викендов за женскиот тим на Прилеп е гостувањето кај Гевгелија. Потоа е првенствената пауза која ќе се пополни со меѓународен натпревар. На 26 ноември во салата “Ричко” треба да гостува грчката екипа Филота Аминдио. Тоа ќе биде меч за одржување на формата и разигрување на новите во клубот, пред сé, повратничката Аџулеска.

Мажите со Пелистер

Машката екипа на Прилеп после одложениот меч со Металург 2, во средата гостуваше на Вардар јуниор (30-30). Веќе викендов е пелагониското дерби со битолскиот ривал Пелистер и можноста салата во “Ричко” да се преполни. Мотивацијата е на највисоко ниво против ривалот кој е пласиран на второто место, веднаш под лидерот Охрид. Во тимот на Томче Петрески ќе биде двометрашот Орјоникидзе кој настапи за репрезентацијата на Грузија.

Loading