МОЖЕМЕ ЛИ ПОДОБРО

Dr. Johan Gjorgjioski– Имаме ли потреба од подобрување на менталната култура

Ако се обидеме да патуваме во пределите на менталната култура и почувствувавме предизвик да стигнеме подалеку и да се искачиме на поголеми височини, голема е веројатноста дека ќе се соочиме со две клучни прашања; Дали може некој да биде ментално здрав без да биде ментално културен?, Дали е возможно ментално некултурно општество да е ментално здраво?

“Ти самиот себе се презираш, Мало човече и кажуваш:

„А кој сум јас да имам сопствено мислење, сам да решавам за својот живот, и да го прогласувам Светот свој?”

Малиот човек не знае дека е мал и се плаши тоа да го дознае.

Тој ја крие неговата недоволност и тегобност, создавајќи илузија за снага и величина на туѓа снага и величина.

Горд е со своите големи лидери, но не и со самиот себе.

Им се воодушевува на мисли кои не се во неговата глава, а не на оние кои ги произвел неговиот мозок.

Колку помалку ги разбира работите толку побрзо ги прифаќа.

А не верува во исправноста на мислите кои најлесно ги разбира.”

Фрагмент од „Слушни, Мало човече” од големиот психијатар и психоаналитичар Вилхелм Рајх, напишан во 1946 г.

Менталната култура подразбира ментално очовечување на поединецот преку усвојување на оптимални емоционални, интелектуални, морални и духовни вредности.

Со правилен ментален развој, во кој ќе се вреднува и почитува менталната култура да станеме посилни во исполнувањето на суштината на нашето постоење, која подразбира почитување, дарежливост, добронамерност, сочувствителност, љубовта, односно незапирлив стремеж кон универзалните вредности, како одраз на ментална култура, и бескомпромисно спротивставување на несигурноста, стравот, зависноста, покорноста, кои најчесто се маскираат како банална апатичност, конформизам, малодушност, нерешителност… како знаци на ментална некултура.

Во име на прилагодување на суровите услови во секојдневието во кое невработеноста е еден од најголемите проблеми, а медиумите обезбедиле непристојна доминација во информативниот простор, мнозинството граѓани избираат маневар на „приклучување на победникот за да се добие нешто за себе или за своите најблиски”, како механизам на адаптација за преживување или обезбедување на подобра позиција.

Адаптацијата е легитимна и тука не може да му се забележи на никого ниту смее на било каков начин да се навредува оној кој прифатил да влезе во некаков дил со власта.

Но, прифаќањето да се остане заглавен во улогата на пасивна политичка марионета без право на лична слободна волја, може да се изедначи со позиција на билијардски топки кои ги удираат кога сакаат, како сакаат и каде сакаат „големите партиски играчи”. Така партиски послушници како билијардски топки остануваат во игра или отпаѓаат, зависно од политичкиот интерес и расположение.

Оваа политичка пракса не е ни најмалку коректна и голем дел од нас кои за неа се држиме “како слепиот за стапот”, треба да прифатиме дека самите носиме одговорност со тоа што се ставаме во улога на сервилни човечиња, како послушни миленичиња на политичките структури кои си играат свои “игри без граници”.  

Од друга стана пак, жално е, а истовремено и е одраз на ментална некултура што по стопати кажани ,,проблематични вистини”, голем дел од народот продолжува да им верува безусловно на своите лидери, а уште позагрижувачко е тоа што истите сејачи на отровни семиња на раздор и недоверба, уште веруваат дека се спасители на народот и единствена шанса за подобра иднина на сите граѓани на Македонија.

За остварување на подобра ментална култура неопходно е применување на  пристап со уважување на духовноста по пат на надминување на конфронтираноста и помирување на науката и религијата во насока на приближување на апсолутните вредности.

Важноста на квалитетното знаење на граѓаните го истакнал големиот кинески филозоф Конфучие, кој сметал дека општество со морал на ниско ниво може да се избори за праведен живот само ако поголем број поединци – граѓани живеат потполно правично, сериозно, разборито, искрено, добронамерно, великодушно и одмерено во сите улоги кои ги имаат во животот, и како родители, и како деца, и како брачни сопружници, и како работници или службеници (политичари-особено)… ,,Вистинскиот човек мисли за доблестите – одличностите, а не за задоволствата. Мисли на подолгорочни последици, а не на личните привилегии, бавен е на зборови, а е брз на дела (застапува добронамерност и соживот, а не омраза и страв). Општество во кое голем дел од граѓаните не поседуваат квалитетно знаење е општество во кое моралот и менталната култура паѓаат на се пониски гранки,,.

Без квалитетно знаење нема лесно препознавање на доброто од лошото, на исправното од погрешното, па наместо одбирање на љубовта, се избира љубомората, зависта и омразата.

Да бидеме подготвени за нови знаења, за појасни гледишта, за подобри перспективи, да бидеме отворени за подобрување на самите себе, за расчистување со илузиите и предубедувањата за поголема свесност и отвореност кон животот, борејќи се секојдневно и бескомпромисно за подобри материјални, но истовремено и повисоки етички вредности, и никогаш на туѓа штета.

Избирајќи ги наведените предизвици, ја зголемуваме сопствената ментална култура и обезбедуваме подобри перспективи на својата личност, семејство и поширока заедница.

Јохан Ѓорѓиоски

Loading