АВАНТУРА ПРОСЛЕДЕНА СО МИТ

Шесто издание на Крали Марко Треилс

Masoven planinski maraton

Преку 400 учесници во четирите трки ја испробаа брзината и силата во рамките на шестото традиционално издание на најголемата трка во планинско трчање Крали Марко Треилс – „По стапките на Крали Марко”.

Имаше натпреварувачи од 14 држави меѓу кои и Финска, Австралија, Полска, САД, а најбројни комшиски држави беа Бугарија и Србија, а од Македонија се натпреваруваа преку 230 вљубеници во трчањето во трите трки за возрасни и една детска. Најдолгата од сите која го носи името Крали Марко Ултра Треил, впрочем, беше и првата ултрамаратонска трка со должина од 90 километри. Стартувале 49, а во лимитот од 22 часа ја завршија вкупно 38 натпреварувачи. Трката била исполнета со висинско искачување и спуштање од 4300 метри по сериозни технички тешки и диви терени. Другите две помали трки на 16 и 31км (Трескавец Треил и Камена Баба Треил), пак, имаа одлична посетеност со преку 260 луѓе. Самиот пејзаж, уникатноста на теренот, приказната за Крали Марко и мистичните елементи на манастирите низ трката ја прават Крали Марко Треилс една од најпосакуваните авантуристички настани за голем број на спортисти, рекреативци и туристи. Покрај трките за возрасни, се одржа и трка за деца – Маркукуле Треил на која учествуваа околу 80 дечиња од околните училишта.

Крали Марко Треилс е трка во планинско трчање која се одржува од 2011 година во околината на градот Прилеп, поточно на Марковите Кули и делови од планината Бабуна. Таа е и првата македонска трка во планинско трчање со поголема дистанца која низ годините постапно растеше со интересот на натпреварувачите.

Меѓу победниците се нашинците Мери Мирческа, Александар Стојкоски, Бојана Наумовска, Милена Чкрипеска, Мери Чкрипеска, Атанас Анчевски и други.

Организатори на настанот се здружението за планинско трчање ТРЕКС, ПСД Макпетрол и Општина Прилеп.

Loading