КВАДРАТ СО СТАРТ ОД ЕДНО ЕВРО

Багателни цени на плацеви за куќи и за бизнис

– На продажба се осум локации за индивидуална градба и седум за сервиси, работилници…

2012-07-25 140902

Како никогаш досега Прилеп нуди многу плацеви за развој на бизнис секторот и за решавање на стабеното прашање преку изградба на индивидуални куќи за багателни услови со стартна цена за метар квадратен од едно евро. Градот станува Мека за бизнис и за лесно обезбедување на покрив над главата. Потврда за тоа е интересот за наддавање на граѓани и претприемачи и од други градови, кои сакаат да инвестираат во Прилеп и градот да им стане нов дом, поради поволните услови за плац. Заради фактот што градежната цена на квадрат за куќа по системот “клуч на рака” е околу 300 евра заедно со трошоците за надомест за градежното земјиште и релативно ниските камати на кредитите, се доаѓа до констатацијата дека за релативно малку пари се гради сопствен дом.

Точно 8 места од околу 400 квадрати за градба на куќи со приземје, два ката и поткровје се на продажба во населбата Градина, односно на местото од Оранжериите во продолжение на типската населба Аличаир. Седумте бизнис плацеви се наоѓаат во индустриската зона Прилеп 2, популарно позната како Сточен пазар. Тоа се последните локации во оваа зона. Тие се со површина од 900 до 1600 метри квадратни. Погодни се за сервиси и мали работилници или, стручно кажано, за објекти од лесна незагадувачка индустрија. Бизнисмените со намера да ја развијат фирмата имаат шанса до 12 октомври да уплатат депозит од 30 отсто од почетната цена за да учествуваат на електронското наддавање што ќе се одржи на 14 октомври. Лицитацијата е со чекор за наддавање од сто денари.

Зоната е мошне атрактивна, затоа што веќе е готова инфраструктура и потенцијалните инвеститори имаат можност брзо и лесно да ги изградат и активираат капацитетите.

За лицитирање за индивидуалните куќи, роковите се покуси. Учеството се потврдува учество од 30 отсто од почетната цена најдоцна до 5 октомври, а лицитацијата е два дена подоцна. Чекорот за наддавање е десет денари.    

Во индустрискат зона Прилеп 2 досега се продадени пет, а во Градина 20 плацеви. Веќе е почната градбата на инфраструктурата во новата населба за домување.

Локалната самоуправа најави подготовка на зоната Прилеп 4, покрај стариот пат за Битола.

Инаку, Прилеп веќе продаде дваесетината големи плацеви за фабрики во зоната Прилеп 1, Металец, каде се градат повеќето од стопанските објекти, а дел се и зактивирани. Градбата на канализацијата, струјата, водата, асфалтирањето на улиците, осветлувањето и тротоарите се во завршна фаза.

СЕ ПОЛНИ И ТИРЗ

Во технолошко индустриската зона Алинци, американската компанија Гентерм веќе ја активира големата хала од десет илјади квадрати за 500 работници за производство на делови за автомобилската индустрија. Вложени се околу осум милиони евра во инфраструктурата, а инвеститорот  има влог од неколу милиони евра со тенденција на зголемување. Се очекува до крајот на октомври и германската компанија Акумпласт да ја стави во погон новата фабрика. 

Loading