КНИГИ ЗА РОДНОТО СЕЛО И ФУДБАЛОТ

Пензионерот Цветко Рулески ги чува спомените на хартија од минатото

vopenzija so pero - Cvetko RuleskiЧесто се вели дека никогаш не треба човек да заборави од каде потекнува, да не си го затрупува коренот, да не се фрла пеплишта на родното огниште зошто родното место е нешто со кое што треба да се  гордее секој. А не само што се гордеее, туку и го овековечува сеќавањето за местото каде е роден и настаните од детството, пензионерот Цветко Рулески. Го овековечил споменот за родното Обршани преку спортските настани односно преку фудбалскиот клуб во кој членувал.

Како човек од образовната фела, кој имал завршено филозофски факултет, група македонски јазик, и има работено како професор, Цветко Рулески другарува со перото. Покрај неговото хоби, одгледувањето пчели, пишува книги зачувувајќи ги спомените на белиот лист хартија како историја на идните генерации.

Автор  е на монографската публикација „Фудбалски клуб Партизан – Обршани од 1947-2005 година” што ја издал во 2005 година. Во неа го опишува почетокот и развојот на фудбалот во Обршани во минатите 60-тина години. Книгата е резултат на неговото долгогодишно ангажирање во фудбалот, најпрво како фудбалер, а потоа и како спортски работник. Во неа набележани се хронолошки натпреварите што ги играл обршански Партизан.

– На 180-тина страници опишани се случувањата на овој фудбалски клуб во минатите 60 години,со цел да им се оддаде признание на многу генерации фудбалери и спортски работници, влубеници во фудбалската топка. Набележани се и повеќе резултати и датуми на натпревари што во минатите шест децении ги играл и постигнал овој клуб. Исто така тука се и имињата се разбира на фудбалерите – играчите, тренерите и раководствата  на Ф.К. „Партизан”.

Publikacija za istorijata

Втората монографска публикација на Рулески е книгата „Обршани-корени дамнини”, во која се опишани родословите (генеолошки) стеблата на обршанските фамилии.

– Секој со корените на претците, сакав да го запознаам и да го следам мојот род, како и за соседните фамилии од којзнае колку семејства – соеви. Велам сој, за да се знае и да останат како Обршанци, оти со миграцијата од шеесеттите години такаречи се испразнија селата, а не само моето Обршани. Тогаш имаше 269 семејства со преку 2 000 жители, сега одвај има 500 жители. Најмногу се иселивме во Прилеп, а ги има и во другите градови, дури и во странство. Трагајќи по својот род произлезе и оваа моја втора книга – вели Рулески.

Книгата има три дела. Во првиот, набележани се местоположбата на Обршани, потоа објектите од дамнина и се друго. Според легендата прилепската река „обртала”- вртела околу едно повисоко место на кое тогаш било селото и така се дошло до сегашното име на ова населено место-Обршани. Во вториот дел набележано е родословието на обршанските фамилии со текстуален и графички приказ,по семејства,односно како што вели авторот „сликани” се сите жители и од машки и од женски род. А, во  3-иот дел објавени се прилози со некогашни и сегашни фотографии кои сами за себе и за напуштените куќи говорат за сегашната положба на ова село.

– Досега никој, ништо не напишал за моето село Обршани, ниту пак се интересирал да дознае нешто повеќе за своите предци. Трагав и по приватни архиви и во архивата на општина Кривогаштани каде сега припаѓа Обршани и кое е оддалечено 6км, а од Прилеп 26 километри – вели авторот Цветко Рулески.

Љубовта кон македонскиот јазик и кон изразување ја негува полека во пензионерските денови создавајќи дела кои остануваат трајно наследство на идните генерации. 

Loading