БОЖЈИ ЗБОРОВИ ИЗВИРААТ ОД МАНАСТИРОТ

Манастирски комплекс  Свети Велико мач. Георгиј“ –  Присад

Stameno visnee hramot

Со леснотија се минуваат со автомобил 13,5 те километри од Прилеп  по стариот пат за Велес. Дел од друмот е прашлив. Не е асфалтиран. Во подножјето на Дервен никнува приказната за манастирот Свети Георгиј, оддалечен од селото Присад 2,5 километри.

Околната природа е обложена со благородна историска вистина, а љубопитното око забележува облагороден дел во густата шума. Првин се наѕира камбанаријата. Манастирот Свети Георгиј се издигнал како што и му доликува. Се вишнее на околу 850 метри надморска височина. Се закотвил неколку километри пониско од остатоците на изгорениот планинарски дом Дервен.

Шумјакот околу манастирот нуди величенствена глетка. Се восхитува сетилото за вид од буките, дабот, леските, елката, липите, а тука се и сливите и црешите. Владее мирна атмосфера, одвреме навреме нарушена од песните на птиците и необичните звуци на инсектите. Домаќините пречекуваат со вродена скромност и љубезност. Поведуваат низ лавиринтите на манастирскиот комплекс.

Дебелите се сенките во манастирскиот двор, оти крошните на дрвата се широки. До корените им минува водата од Старата река. Како да се чувствува жуборот што го храни со живот зеленилото наоколу. Низ чешмата во дворот тече петочна, средоречна и неделска вода. Луѓето ја земаат за лек.

– Глуво и немо 12 годишно момче од Штип зеде од водите и прозборе и почна да слуша. Не знаеме дали себап виде одовде или, забележуваат нашите соговорници.

Манастирчето морал на Присаѓани

Манастирот Свети Великомаченик Георгиј е од поново време и е изграден во 1945 година. Скромен е. Но, зрачи со духовност.

– Бидејќи е од поново време фрескоживописот и иконите немаат некое посебно значење – го пренесуваат домаќините тоа што го слушнале од свештениците и стручнаците.

Луѓе од управата објаснуваат дека преданието велело дека на местото каде е изграден манастирот порано имало црквичка, направена од штици со една икона. Војниците прво го урнале, мислеле дека е засолниште на партизаните, но кога виделе дека е црковен објект повторно го изградиле.

– Манастирот е морал на присаѓани. Од него зрачи нашата исправност, чесност, преданост, поука, висок дух. Целата Управа е од селото. Помагаат и жителите, и градските, и фирмите. Се гради постепено и се дотерува комплексот. Сопствените раце се како занаетчиски. Помагаат и дограмаџии, ѕидари, “аргати”…, да се одржи и надгради црквата  конаците кренати од нашите претци. Тоа е аманет на татковците – велат манастирските  служители.

Новиот конак има 13 чисти соби, трпезарија за 250 души. Верандата преку целиот конак е мерак за седенки. Старите конаци се реновирани. Камбанаријата изгледа величанствено. Осветена е 1994 година. Плени нејзината висина и “силина”.

– Се прават свадби, крштевки, матурски. Идат и од градот на веселби. Многумина ноќеваат по неколку дена. Има посетители редовно – велат од Управата.

Камен по камен – ѕид

Минале повеќе од три децении, откако Стеван Илиоски – Матракот првпат помогнал во манастирот. Прво што направиле бил покривот на црквичето. Ги тргнале ќерамидите и го препокриле храмот со плех, зашто протекувало при дожд. Уметник почнал да фрескоживописува.

– Имало едно собиче од трски и кал и црквата. Околу планина. Се оплеменило. Се стокмиле две соби горе и две долу, од кои една за владиката. Подот се послал со пластифицирана гума. После се кренаа потпорни ѕидови од камен од страните. Каменот се носел на раце од рудникот за мермер Сивец. Доброволно, без пари се ѕидало и градело. Оти на Свети Пантелејмон се турени темелите на црквата се кренал и  параклис. Донесовме вода одозгора, оддалечена околу еден километар и направивме резервоар. Беше доволен, но можеби треба поголем. Главна била игуменијата Катерина. Со неа и со народот се градело – објаснуваат од Управата.

Kambanarijata ja vardi crkvata

Луѓето раскажуваат дека игуменијата Катерина или баба Коца која имала 65 години била една ситна, но вредна, пргава старица која на бидувало за организирање. Била прилепчанка, на која и се сонило да гради манастир. И во лете, и во зиме била на манастир. И утки да утаат и снег до колена да има, таа живеела во манастирот и го градела делче по делче со помош на народот. Еден зимски ден, со снег до колена, на баба Коца и снемало брашно и немала што да јади. Некој човек истата вечер сонил дека треба да однесе една вреќа брашно на манстирот Свети Георгиј. Така и сторил човекот. Бог и помогнал. Гробот на игуменијата Катерина со одобрение од Митрополитот Петар е во дворот на манастирот.

Од манастирските порти испраќа со богато доживување и красота небесно сонце. Се гледа дното на чашата со љубопитност. Се мешаат шаренило на бои. Сонцето полека се затскрива и почнува да црвенее на запад. Портокаловата топка замина во модрилото. Денот потона во мрак, а во душата се врежа уште една приказна, една алка повеќе во синџирот духовни доживувања.

Георги бил војник

Свети Великомаченик Георгиј бил храбар војник во царската војска кој верувал во еден Бог и проповедал христијанство. Го разлутил царот кој почнал да го измачува. Го врзал на тркало со раширени раце и нозе, а тркалото било движено по штица искована со шајки. Кинеле парчиња од живото тело. Нозете му ги ставиле во огромни усвитени ковани чизми и на крај телото му го ставиле во неизгасната вар. Гледајќи го ова царицата застанала на страната на маченикот и христијанството со што го разгневила царот кој, наредил двајцата да се убијат.

Loading