ТРЕНЕРОТ НА РЕАЛ ВО ПРИЛЕП

Историја

На 7 јануари 1980 година во градов гостуваше Миљан Миљаниќ, едно од најпознатите фудбалски имиња на сите времиња. Посетата предизвика огромен интерес, бидејќи се работеше за поранешен тренер на Црвена звезда и Реал Мадрид, а тогашен селектор на Југославија. Дојде на покана од ОФС, предводен од претседателот Драги Башески и секретарот Димитар Миткоски – Чкале.

– Организиравме семинар за лиценци, со идеја да го повикаме Миљаниќ. Разговарав по телефон и бев воодушевен од неговиот позитивен одговор. Рече “Јас сум половина Македонец и со задоволство ќе дојдам”. Го пречекавме со голема делегација, а наредниот ден одржа предавање пред многу народ. Секој сакаше да го види, да се поздрави. Теоретскиот и практичниот дел беа на Градскиот стадион и на Спортскиот центар, а теоретскиот во салата на Синдикатот. Околу 50-60 тренери добија дипломи со неговиот потпис – се сеќава Башески.

Миљаниќ се родил во 1930 во Битола, а умре 2012 во Белград.

Loading