БОЗАРОСКИ: ВЕТУВАМЕ ИГРА И БОРБА ДО ПОСЛЕДЕН МИГ

Ракомет: Викендов два дуела од купот ЕХФ, Прилеп – Винтертур

– Гостите се големи фаворити, но нема предавање

Luta presmetka - ekipite na Prilep i Vintertur

Долги 12 години градов чекаше машка ракометна екипа да излезе на европска сцена и тоа сега се остварува. Екипата на Прилеп викендов настапува во купот ЕХФ, каде за противник го има реномираниот швајцарски тим Винтертур, кој има успеси и во Лигата на шампионите. Следат два меча во Универзалната сала, в сабота (19 ч.) домаќин е нашиот состав, а в недела (19 ч.) е реваншот на кој домаќини се Швајцарците. Атмосферата во прилепскиот табор ја пренесува капитенот Александар Бозароски.

ЕХФ купот е голем предизвик?

– Натпреварување каде учествуваат многу силни екипи. Целта е во најдобро светло да го претставиме клубот и македонскиот ракомет. Голем успех е ако го поминеме првото коло.

Колку сте подготвени?

– Напорно трениравме и одигравме неколку пријателски, на кои првенствена намера не беше резултатот, туку да се испробаат некои варијанти, како и новите играчи. Формата на екипата се подобрува.

Екипата претрпе измени?

– Некои играчи заминаа, а дојдоа нови. Ненадејното одење во последен момент на Талевски во Турција, ги наруши плановите. Останавме тенки на бековската линија. Веќе се бара замена.

Имате тројца нови?

– Грузиецот Орјоникидзе е млад бек. Ни беше потребен. Доаѓа од средина каде се игра поинаку и треба време да се приспособи. Тука се и пивотот Тренчевски, голманот Трајковски. Сите ќе ни бидат од голема полза

Мислење за Винтертур?

– Одлично организиран клуб, со многу голем буџет. Имаат странци со големо интернационално искуство. Сето ова ги прави фаворити во дуелите со нас.

Играте дома?

– Домашниот паркет е предност. Прифативме да играме дома најмногу поради прилепската публика. Таа ќе може да види една професионална гостинска екипа, успешна во европските купови. Меѓутоа, поддршката од публиката ни е ветар в грб. Ветуваме добра игра и борба до последен миг.

Публиката?

– Испраќам покана да дојде во што поголем број на овие значајни дуели со Винтертур. Прилепската публика го разбира ракометот и ќе ужива во овие натпревари. Уште еднаш ќе покаже како се навива и се сака својот клуб.

Блок – влезници

За двата дуела во Универзалната сала се продаваат блок – влезници по цена од 100 денари. Целта е да се овозможи на сите ракометни љубители да дојдат на трибините. Бидејќи терасите не се во функција, преостануваат само местата за седење. Поради ова ограничен е бројот на влезниците и пожелно е да се набават совреме за да нема метеж.

Судат Грци

Правдата на паркетот ќе ја делат судиите Константинос Кацикис и Михалис Михалидис (Грција), а делегат ќе биде Дарко Репеншек (Словенија). Гостинскиот тим за денеска најави доаѓање и тренинг во вечерниот термин. Делегацијата е од 22 члена. Во составот се швајцарски репрезентативци и тројца странци: Васкевичиус (Литванија), Кудуз и Гаврановиќ (Хрватска).

Прилеп: Рајчиќ, Трајковски, Тодороски, Ѓорѓиески, Петкоски, Спасески, Петрески, Тренчевски, Орјоникидзе, Шокоски, Јанески, Бозароски, Стефаноски, Нешкоски, Стојаноски, Ангеловски. Тренер Т. Петрески.

Винтертур; Васкевичиус, Стеден, От, Марош, Кудуз, Мури, Хес, Сидорович, Лиер, Гаврановиќ, Верниер, Јуд, Шојнер, Фрајвогел, Тиновски. Тренер: Адријан Брунгер.

Орјоникидзе голгетер

Одлично беше организиран Вториот меморијален турнир “Миле Нешкоски”, на кој победник е битолски Пелистер. Понатаму следат: Работник (Битола), Охрид, Прилеп, Борец (Велес) и Пролет (Скопје). Најдобар играч е Чантурија, голман Колев (Пелистер), а голгетер е Орјоникидзе (Прилеп). Тој на четири меча даде 28 гола.

Loading