ЕМ РАСТ НА ПРИНОСИТЕ, ЕМ ПАД НА ТРОШОЦИТЕ

Ефекти од системот капка по капкакај силажната пченка

Државна и сопствена поддршка за модернизација на земјоделското производство

dDvojno poveke kocani i listovi za kravite

Двојно ги зголеми приносите на силажна пченка со примена на системот за наводнување “капка по капка” и со новите течни ѓубрива земјоделецот и сточар Илчо Даскалоски од селото Мало Коњари. Со почетокот на жетвата на силажна пченка на пет хектари тој откри дека  го унапредува производството и влијае на намалување на трошоците.

Воведувањето на “капка по капка” е дел од проектот за експанзија на мали бизниси од УСАИД, финансиран од Швајцарската влада.

– Прво добив помош од УСАИД за еден хектар и вложив само уште за два хектара за систем “капка по капка”. Приносите се двојно поголеми. Очекувам над 80 тони силажна пченка од хектар. Тоа е храна за кравите во сопствената фарма – вели Даскалоски.

Агрономот Димче Дамјановски од Проектот за експанзија на мали бизниси при УСАИД најавува продолжение на соработката со земјоделците, конкретно со Даскалоски, кој е еден од двајцата најуспешни во пелагониско.

Според него, на 480 хектари земјоделците сами вложија во системите, од кои дел се преку националната програма на Министерството за земјоделство кое субвенционира 50 проценти.

– Соработуваме со Алкалоид, кој се вклучи со своите течни ѓубрива – потенцира Дамјановски.

Според Емил Евгениевски од Алкалоид, течните ѓубрива се нудат веќе осум години, а годинава првпат се вклучуваат во поледелството.

– Помогаме во унапредувањето на производството. Соработката со земјоделците има ефекти. Потпишавме договор со Даскалоски – рече Евгениевски.

Горанчо Томески од Агенцијата за унапредување на земјоделството нагласи дека само годинава 12 прилепски земјоделци користат “капка по капка”, а од регионот соработуваат со триесетина.

– Се модернизира производството, се зголемуваат приносите, паѓаат трошоците, особено во силажната пченка за добитокот, со што и цената на чинење на млекото ќе биде пониска, а производителите ќе бидат конкурентни на пазарот – нагласи Томески.

Системите, “капка по капка” во Македонија ги користат околу 500 земјоделци.

Од проектот за експанзија на малите бизниси од УСАИД и од Агенцијата за унапредување на земјоделството сметаат дека македонските производители веќе сами вложуваат во модернизацијата и во примена на системите “капка по капка”.

Loading