СЛЕП ДЕДО СОБРАЛ ПАРИ ЗА ГРАДБА НА МАНАСТИР

Манастирот Свети Великомаченик Георгиј кај Бучин

Crkvata se kape vo zelenilo

Во атарот на село Бучин, месност наречена Манастириште, во разеленет предел неколку ритчиња цврсто го “прегрнале” Манастирот Свети великомаченик Георгиј. До него се стигнува по релативно добар пат со автомобил.

Пекрасниот божји храм е гордост на Бучинци. Никна за десетина години близу жуборливата река Суводолица. Изграден е врз изгорени темели, обраснати со трева и капинки. Природната убавина надополнета со божјото здание вдахнува посебен шарм на пределот. Фантастична природа го храни восхитеното око. Плени природната волшебност. Духовниот импулс се наѕира оддалеку. Ѕунат гласови на намерните посетители. Се откинуваат воздишки од нив. Шумлива осаменост како да го “заробила” прекрасното место.

На сон го видел стариот манастир

Со изградбата на Свети великомаченик Георгиј, Ѓурѓовден, а посебно осветувањето на манастирот, се оствари сонот на многу верници, посебно на потомците на покојниот дедо Јонче Мишески од селото Бучин. Тој на сон го видел местото каде порано имало манастир, што требало да се обнови. Бил иницијатор за повторна градба во осумдесеттите години од 20 век. Селаните со драго срце ја прифатиле идејата. Дедо Јонче одел по селата и собирал пари за изградбата.

– Последните две – три години од својот живот Јонче беше слеп. Велеше дека ништо не гледа. Со стапче, овој скромен човек одеше собираше пари за манастирот. Помагаше народот. Како, само Господ знае. Помагаа бучинци, соседните села и иселеници од дијаспората – кажуваат од манастирскиот одбор.

Манстирот неколкупати бил запалуван

Скромните записи и кажувања на најстарите жители на селото укажуваат на тоа дека манастирот бил изграден во втората половина на 18 век, но трипати бил пален од турскиот аскер и исто толкупати граден од храбриот македонски народ. Последниотпат изгорел до темел.

– По обновувањето манастирската каса останала празна и манастирот не бил осветен, зашто нацртаните фрески биле без благослов и не одговарале на православната христијанска вера. Така, “сиромавиот двапати плаќа” и отидоа уште 12 000 евра – кажуваат од Одборот.

Новиот манастирски одбор го послушал Владиката Петар и бил подготвен нов фрескоживопис.

– Тапкаа работите околу осветувањето но после се освети манастирот и се оствари сонот на многу верници.

 Веќе е направена и влезната порта. Блеска духовност од живописниот предел кој чека градба на конаци.

Raj za ocite

Кој е Свети Георгиј

Свети Георгиј бил храбар војник, трибун одликуван за својата храброст од царот. Бил верник во Бог, а не во многубоштво. Царот му наредил да се откаже од неговата верба и богато ќе го наградел. Свети Георгиј јавно истапил и се декларира како христијанин. Го разгневил царот кој наредил да ги измачуваат. Го врзале на тркало со раширени раце и нозе, а тркалото било движено по штици на кои имало исковано шајки со свиткан врв. Со движењето шајките кинеле парчиња од живото тело. На нозете му ставиле огромни усвитени ковани чизми и на крајот телото на Георгиј го ставиле во неизгасната вар. Кога сите овие измачувања не родиле со плод, а телото на маченикот останало неповредено, царицата Александра се декларирала за христијанка од восхит на храброто држење на маченикот. Поради непокорност, бесниот цар наредил да им се отсечат главите на двајцата.

Loading