СКРОМНИ СМЕ, НО ЌЕ ДАДЕМЕ МАКСИМУМ

Ракомет: Томче Петрески, тренер на Прилеп

– Секоја шанса за повисок пласман, ќе се бориме да ја искористиме

Pretstoi teska sezona - Tomce Petreski

Помина летниот одмор и ракометот, во преден план машката екипа на Прилеп, е во фокусот кај спортските вљубеници. Причина е што наближуваат официјалните натпревари, во Европа и на домашната сцена. За што поподготвено да се пречекаат, совреме стартуваа тренинзите со 20 првотимци. За најактуелните прашања одговорите се кај тренерот Томче Петрески.

Досегашната работа?

– Почнавме на 3 август и до 9 август работевме на Могила. Првите тренинзи беа за вообичаена намена, кондициски. Од средата сме в сала, каде работиме комбинирано, со топка и физикалија.

Кога се пријателските?

– Првата контрола е 20 август во Струга со косовската Беса од Пеќ. После тоа е турнирот “Миле Нешкоски” во Прилеп.

Играчкиот кадар?

– Недостасува пивотот Никола Секулиќ и десното крило Дмитри Турченко. Пристигна Алексадар Тренчевски, пивот од Вардар, а од школата на овој клуб дојде и млад среден бек – Горан Јовановски.

Очекувате нешто од Грузија?

– Да, треба да дојде десен бек. Имаме информации од видео снимки. Момчето е високо два метра. Најверојатно е солиден играч. Добредојден е, оти сме лимитирани на бековската линија.

Амбиции за следнава сезона?

– Се обидуваме со сите сили да го одржуваме клубот. Некои екипи во лигата се засилија. Затоа имаме скромни амбиции. Меѓутоа, како и лани ќе дадеме се од себе, максимум. Ако ни се даде шанса за повисок пласман, ќе се бориме да ја искористиме.

Прв предизвик е купот ЕХФ?

– Двата меча од првото коло со швајцарскиот Винтертур е договорено да ги играме во Прилеп. Термините се на 3 и 4 септември. На овој начин се скратуваат трошоците

Прифатливо за двата тима?

– Ова е доста често во европските купови. Обично се практикува кога е голема разликата во квалитетот. Се знае кој е фаворит и тука нема дилеми на претстојните дуели од купот ЕХФ.

Доаѓа и голман

Покрај пивотот Тренчевски, средниот бек Јовановски, десниот бек од Грузија, има изгледи во екипата на Прилеп да дојде нов голман. Во клубот не откриваат за кого се работи. Во секој случај, за наредната сезона може да се смета на Србинот Милош Рајчиќ, а напомош ќе му биде новиот голман и помладите домашни кандидати за место меѓу стативите на Прилеп.

Loading