ДВА ИЗДАВАЧКИ ПОТФАТИ НА БИБЛИОТЕКАТА

Biblioteka

Библиотеката подготвува две уникатни изданија. Првото е превод од бугарски на македонски јазик, “Македонија и Одринско 1893 – 1903 – мемоар на Внатрешната организација”, издадена во Софија, 1904 година. Книгата првпат се објавува на македонски јазик и е значајна, бидејќи е чиста фактографија, ретка документациска целина, во која се пренесуваат злоделата на турската власт врз македонскиот народ при крајот на 19 и почетокот на 20 век. Се пренесуваат автентично зулумите не само врз Македонците, туку и на сите етникуми на сите христијани кои живееле на овие простори. Книгата е сведоштво и за отпорот, борбата и саможртвите за слободен живот. Таа е своевиден книжен споменик за патилата, страдањата и борбата на македонскиот народ, статистички документ и историски зборник на факти кои ја кажуваат голготата на Македонецот низ времето. Преводот го направи писателот Трајче Крстески.

– Интересно е тоа што не е наведен авторот или авторите, туку се заменети со поднасловот: Мемоар на Внатрешната организација. Имајќи го предвид времето и околностите во кои дејствувала Внатрешната организација, постапката е сосема разбирлива – вели Петар Петрески, директорот на библиотеката.

Втората книга за печат е “Хроника за Мариово” од починатиот сограѓанин Милан Ристески.

– Се работи за тротомно издание кое ќе го објавиме во една книга. Авторот се занимава со Мариово од повеќе аспекти, историски, културолошки, демографски, политички. Ја следи судбината на Мариово и неговите жители во временски опсег од неколку века, па, тукуречи, сé до денешни дни. Досега нема објавено поцелосен и посеопфатен стручен труд за оваа област и за нејзините жители од наведениов – потенцира Петрески.

Библиотеката во август ќе ја организира традиционалната поетска манифестација “Поетско Маркукуле”, а ќе излезе од печат и зборникот “Поетско Маркукуле 2015”, во кој ќе бидат презентирани песните на минатогодишните учесници.

Loading