Со заедничка изложба на уметниците во изложбениот салон ЦК „Марко Цепенков“ официјално се заокружи деветтата меѓународна ликовна колонија „Дрен“. Точно 15 уметници од Прилеп, Македонија, Бугарија и Русија оставија во наследство на градот вредни дела да сведочат за културниот идентитет на ова поднебје и за уметничкиот дух во кој пулсира градот.
Тони Чатлески, директорот на ЦК, потенцираше дека пренесувањето на колонијата Дрен од манастирот во Центарот е полн погодок.
– Годинешното искуство придонесува да се стави апостроф на уникатност и единственост во Македонија, бидејќи се негуваат сите уметнички форми на изразување – рече Чатлески.
Уметниците (Мирна Арсовска, Верче Николоска, Билјана Бинчев, Јошкин Шилјан, Мирослав Живковиќ, Снежана Манасиќ, Јелена Фрида Стошиќ, Марија Алексиќ, Рада Тихановскаја, Јасмина Рунеска, Ангел Миов, Силвија Шосева, Васил Костов, Емил Солески, Виолета Димеска, Марјан Стојаноски, Тони Чатлески…) изјавија дека се воодушевени од гостопримството, луѓето, од природата. Тие, дружејќи се и разменувајќи искуства, создадоа креации во повеќе облици. Нивните дела, освен прилепските љубители на уметноста, ќе ги проследат и мераклиите во други градови.
Колонијата Дрен е дел од традиционалната манифестација Прилепско културно лето на Центарот, кое продолжува идната недела со изложба на Буба Солак и со концерт на КУД „Моминок“.