ТРЕБА СЕКОГАШ ДА ИГРАМЕ КАКО СО ГРУЗИЈЦИТЕ

ФУДБАЛ: Дарко Крстески, тренер на Победа

Treningot na igralisteto Mogila

Ако имаме таков пристап, ќе немаме проблеми во првенството

Екипата на Победа реализираше седумдневни подготовки во Банско, Бугарија, каде покрај тренинзите одигра три пријателски мечеви. Против битолски Пелистер беше 2-2 (головите ги дадоа Шаркоски и Колевски), со грузискиот прволигаш Сабуртало 0-0, а единствениот пораз е од второлигашот Академија Пандев (0-2). Впечатоците ги сумира шефот на Стручниот штаб Дарко Крстески.

Сработивте ли според планот?

– Максимално се трудевме сите. Немавме одмор, туку само работа. Задоволен сум. Мислевме оти седум дена се малку, а се покажаа сосема доволни.

Контролните натпревари?

– Два ги класифицирам во екстра квалитетни, со Пелистер и со Грузијците. Особено вториот. Година ипол сум во Победа, а толку силен дуел досега сме немале. Колку имаше борба се гледа и по тоа што добивме два црвени картона, за Дунимаглоски и Котески.

Нашата игра?

– Мошне квалитетна. Дадоа придонес сите што настапија. Одлично се спротивставивме на силниот ривал. Токму таа игра е модул што треба да го применуваме секогаш. Ако имаме таков пристап, залагање, дисциплина, спроведување тактика, тогаш не ќе имаме проблеми во првенството.

Поразот од Академија Пандев?

– Настапивме главно со играчи кои имаа помала минутажа, или кои се новодојдени. Видов тоа што ми требаше, и слабости, и недостатоци. Има и незадоволство кај мене од некои играчи.

Списокот е со 29 фудбалери?

– Меѓу нив вклучивме тројца најмлади, еден младинец – Христијан Трајкоски и двајца кадети – Лука Трајкоски и Марио Наумоски. Од нив сум многу задоволен. Потребни ни се оти на натпреварите ќе мораме да настапиме со фудбалер до 21 година. Само вака да продолжат и ќе имаме решение.

Двајца не настапија?

– Влатче Петрески и Бојан Спиркоски. Спиркоски е нов, повратник од Чешка. Во фаза е на опоравување, оти имаше операција. Почна да работи со топка, индивидуално. Како играч за врска ги знаеме неговите квалитети, меѓутоа проблем е времето на опоравување од месец – два.

Под рефлектори

После Банско планирани се уште неколку пријателски натпревари. Првиот беше вчера попладне во Кичево, против Шкупи (1 – 2), а в недела е гостување на Беласица во Струмица, под рефлектори. Третиот тест е закажан за в среда во Пехчево, со прволигашот Брегалница од Штип. Најверојатно генералната проба ќе биде на 31 јули, на седум дена пред стартот на првенството.

Ждрепката  в понеделник

Има официјална најава, дека ждрепката и распоредот за новата прволигашка сезона ќе бидат в понеделник во ФФМ. Конечно ќе го добиеме редоследот на противниците на Победа. Деветте ривали се одамна познати: шампионот Вардар, Шкендија, Работнички, Силекс (учесници во евро – куповите), Шкупи, Брегалница, Ренова, како и новите прволигаши Пелистер и Македонија ЃП. Првенството стартува на 7 август. 

Loading