МЕЃУПАРТИСКИОТ ДОГОВОР ДА СТАВИ КРАЈ НА ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА

Груевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се надева оти овојпат опозицијата нема да бара повторно алиби за нови одлагања или бојкотирања на изборите, одговорајќи на новинарско прашање во врска со продолжувањето на договорот од Пржино.

– Добро е што се дојде до договор, пред се, добро е за државата, побрзо да има избори и да се стави крај на политичката криза предизвикана од опозицијата. СДСМ има богата историја на одбегнување избори и на барање алиби за бојкотирање избори. Затоа е многу важно договорот да се спроведе и да се имплементира за да немаме повторно обиди на опозицијата во фаза на имплементација да одбегне нешто или да пролонгира. Се надевам дека овојпат ќе изиграат чесно и навремено ќе се спроведе договореното за да може оваа година да се одржат избори и да му се даде можност на народот да го каже своето мислење – рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Според него народот ќе се изјасни чија политика и која гарнитура ја поддржува.

– Сега е време да се даде повторно можност на народот да каже кој начин на работење го поддржува, односно која политичка партија ја поддржува и која политичка гарнитура. Не слушнаа нас, не видоа нас, ги слушнаа нив, ги имаат добро видено и нив. Време е да се даде можност народот да одбере по завршување на политичката криза како Македонија да се движи во наредните четири години – рече Груевски.

Loading