ПОДГОТВЕНИ ЗА БУРНА ВОЗДУХОПЛОВНА НЕДЕЛА

Моделарство: Здравко Тодороски, директор на Светски шампионат

Na red e Svetskiot samiot - Zdravko Todoroski

– Најавено доаѓање на 133 учесници од 21 земја

Летово Прилеп ќе биде домаќин на најголемата спортска манифестација, Светскиот јуниорски шампионат во воздухопловно моделарство, кој ќе се одржи од 1 до 7 август. Претходните два дена е прилагодувањето на дел од учесниците низ Светскиот куп “Трофеј на Прилеп”.  Градов е пред голем предизвик на организационен план, а тежината е на тимот предводен од директорот на меѓународните натпревари, Здравко Тодороски.

До каде се подготовките?

– При крај. Очекувам сите работи да се завршат, обезбедување маички, печатење рекламен материјал, транспорт на медали и пехари. Се работи за 18 пехари од Холандија, со висина од 50 сантиметри.

Претстои бурна воздухопловна недела?

– Меѓу 30 јули и 7 август предвидени се поединечни и екипни натпревари. Обврски како домаќини имаме на 27 јули кога стигнуваат Американците, потоа Израелците, Полјаците и сите останати. Пречекот мора да биде на ниво, а потоа и сместувањето. Им се ставаме на располагање за сé што ќе имаат потреба.

Внимавате на детали?

– Високи се стандардите. Се бара почитување на многу услови, протоколи… Затоа го потенцираме пречекот, вниманието кон гостите, сместувањето, информирањето, максималната логистичка поддршка. Секогаш да им сме при рака. Сместувањето е посебна приказна. Учесниците не излегуваат првпат од нивната држава. Тие се селектори, помошници или заменици, искусни луѓе. Многу добро знаат цени, услуга и слично. Инсистираме до хотелиерите и сите други да знаат дека имаат работа со луѓе кои го прошетале светот.

Колку учесници очекувате?

– Точно 133 од 21 држава. Дел се најавени и за светскиот куп. Најбројни се од Русија, Украина, Естонија, Полска, Германија и САД. Со исклучок на Австралија и Африка, останатите континетни се застапени.

Кои се фаворити?

– Американците доаѓаат со поголема придружна екипа од помошници, менаџер, тим-менаџери. Спортот многу цврсто го поврзале со науката. Претпоставувам дека ќе пробаат да освојат медал. Не треба да ги заборавиме Русите, Естонците и Украинците. Тие се главните носители на градба на модели, со употреба на композитни материјали.

Македонија?

– Напорите беа да добиеме шампионат за 2012, 2013 или 2014 година, кога нашите јуниори беа во подем. Во 2014 го достигнаа зенитот и настана смена. Возрасната граница е 18 години. Годинава останавме со еден јуниор, Александар Цветановски од Охрид. Очекувам да освои што повеќе бодови, да го разбие психолошкиот момент. А на светскиот куп ќе имаме повеќе наши учесници.

Програмата е богата?

– Викендот е светскиот куп, во понеделникот пречек, сместување регистрација на новите натпреварувачи. Вечерта во “Марко Цепенков” е состанок со селекторите, после изложба на стари фотографии од моделарските натпревари. Наредниот ден на плочникот е дефиле на сите учесници и отворање на Светскиот шампионат. Во средата стартува и следат три дена по пет турнуси. Саботата е резервирана за прошетка и прогласување на победниците. Неделата и понеделникот се за испраќање на гостите.

Loading