ТАСТАТА ЖИВЕЕ ЗА РАКОМЕТ

Петар Кузманоски ја напуштил свадбата за натпревар

– Го заменил зетовскиот жакет со дрес

– Гори и чезнее за топката и по три децении

Pocituvanjeto  najgolemata nagrada od rakometnite tereni„Само што попот ми ја изваде круната, откако се направи венчавката во манатирот Св. Ѓорѓија, од другата страна мајка ми ми го даде дресот, а Цане Петрески – Пупутот ме пикна во фиќото нетрпеливо чекајќи да заврши црковната церемонија. Со венчето на зетовскиот костим влетав во спортската сала. Стана целата публика да ми аплаудира, а тимот веќе се загреваше за престојниот натпревар со скопски Вардар“.

Ова е моментот на кој со гордост се сеќава 64 годишниот Петар Кузманоски – Тастата, некогашен ракометар на РК “Тутунски Комбинат”. Тој е жива “историја” за спортот и е единствениот играч кој сопствената свадба ја напуштил да го одигра клучниот натпревар во 1975 година. Човекот кој доста дал за спортот, познат по карактеристичните голови и борбениот дух.

– Ме водеше љубовта кон ракометот, да не ја оставам на цедило екипата, оти бев столб на тимот. Изигравме чесно, иако имаше манипулации и се нудеа средства. Борбата сепак беше меѓу Пролет и Вардар, кој да влезе во Сојузната лига. Премногу се форсираа скопските тимови. Покрај играта, подмолно нé изиграа. Загубивме. Останаа да се тепаат, а мене Чичата ме врати на свадба – објаснува Тастата.

Neobicni udari  po zemja na Kuzmanoski

Раскажува дека се соживувал со спортот. Сé давал за ракометот. Не само тој, туку “жртва” била и сопругата, зашто не било сеедно зетот да замине, а невестата сама да биде на свадбата. Наидувал на разбирање и поддршка од родителите и сопругата.

– Иако го немаше зетот, свадбата си терала. Невестата играше со деверот. Такаречи ме избркаа. Никој не забележал дека ме нема, ниту дадоа критики дека сум направил “глупост”. Напротив, сите ми велеа браво, да ја оставиш невестата за натпревар, тоа е љубов кон спортот. Нормално, сопругата малку беше лута. Ама ја гризеше љубопитството и ме праша дали сме победиле. Потоа сите ракометари дојдоа на веселбата во салата на планинарскиот дом Дервен – вели Кузманоски.

Od crkva v dres Kuzmanoski na vencavkata

И ден денес еднаш годишно ги собира сите ветерани. Секогаш, тогашниот претседател на тимот, Симон Наумоски од Витаминка, ја прераскажувал случката. Нема година и до ден денес и во секоја пригода за да не се заборави, оти на многумина не им се верува дека такво нешто е можно. Како тренер му се случувало да остане без играч кој заминал на свадба кај втор братучед во Скопје. За спортот Петар Кузманоски – Тастата пропуштил многу дружења и веселби.

– Имаше отстапки. Пресудни беа волјата и желбата да изиграм, да се донесе успех. Секој чекор надвор од домот го преземав со договор, со разбирање. И Ларата имаше инцидент. Се пораѓаше сопругата му, а пред да ја однесат в болница, само ја ѕирна кај Солидност и продолживме на натпревар во Кавадарци – вели Тастата.

Биле сложни. Меѓу играчите владеело другарството, како една фамилија функционирале. Никој не можел да ги раздели. Секаде оделе заедно, и за арно, и за лошо.

– Се читавме меѓу себе кој како размислува, тлееше борбениот дух. Рампе го стававме во екипата за мотивација, шеги. Од деветмина, седум играчи беа леваци – Ларата, Ангеле, Мечката, Селото, Гошо. Само јас деснак. Градот живееше за спортот. Недела беше празник. Од 10 ч. се играше ракомет, од 12 ч. одбојка, а попладне фудбал. Луѓето многу нé ценеа. Сегде вратите ни беа отворени, оти бевме спортисти. Ретко не носеа на подготовки. Еднаш не однсесоа на Дервен. За да бидеме економични тренерот готвеше, лупеше и толчеше пиперки, а ние трчавме околу домот – се присетува Кузманоски.

Fikoto go cekalo za v sala

Тастата во својата кариера, покрај играч за РК “Тутунски Комбинат”, бил играч и тренер на младинската, тренер на сеинорската, како и на женската екипа и претседател на клубот. Најголем успех постигнал со женската екипа во 1988 г. во Југославија кога застанале на втората позиција меѓу сојузните екипи и направиле бум. Го победиле  Ѓорче Петров со 12 голови разлика во салата Македонија. Се радувале кога им бил турен асфалт на игралиште, а рипале како мали деца кога бил послан паркетот во универзалната сала.

По неговите стапки тргнал и синот Горан (34г.), кој дури и го надминал, за што Тастата се гордее. Неговиот син во Романија е  капитен на екипата, која лани го освои челенџ купот.

– Постигнав и оставив добри спомени да ме почитува народот. Ценет сум оти и доста генерации извадив и како тренер, и синот Горан на неколку играчи е девер. Не добивме многу финансии, иако имав понуди, но добив нешто позначајно – почитување. Во ниту еден миг не се каам што сум спортувал, туку напротив, спортот е една придобивка, темел на животот – вели Тастата.

Кузманоски останува меѓу прилепчаните кои оставиле белег на едно време, кој многу труд и љубов посветил на ракометот и го предал своето знаење и искуство на многу генерации. 

Loading