АКТЕРИТЕ НЕМААТ РОК НА ТРАЕЊЕ

Елхаме Билал – актер во пензија – добитник на наградата за животно дело

Како го доживувате признанието на еснафот, на МТФ, наградата за животно дело?

Elhame Bilal– Наградата ми е круна на целата кариера. Неверојатно колку ми беше мило. По толку години на сцената, имав трема на доделувањето на наградата. Кога ја почнував кариерата не ни сонував, туку најважен ми беше аплаузот на публиката.

Дали актерите се доживотни робови на професијата?

– Актерската професија е света. Пак да тргнувам во професионална кариера, пак ќе бидам актер. Никогаш не е здодевно, секогаш нешто се осознава ново, се открива, се учи од улогите, останува трага во животот. И стопати да се родам, пак ќе бидам актер. Посакувам што повеќе да играм, да гостувам, иако сум пензионер. Да можам, не би слегла од сцената. Актерите не се фудбалери, спортисти. Немаат рок на траење. Во секое доба, можат да се качат на сцената.

Кога стапнавте на сцената, дали мечтаевте дека во рацете ќе дојдат највисоките награди?

– Уште од средно училиште фантазирав колку би било убаво да играм во театар и да добивам награди и аплаузи. Како што растев, низ групата за глума, ме открија при гостување во Скопје. Имав позитивни критики и директорот ме побара да играм во Скопје. Со консултации со родителите дојдов од Косовска Митровица во Скопје да студирам и да играм. Не беше лесно. Кога нешто се сака, сé е можно. Издржав, носејќи две лубеници под една мишка. Ја сакав работата и успеав.

Што не одигравте?       

– Четири децении сум играла и класика, праизведби, комедии, драми, антики. И последната претстава “Арсеник и старите тантели”, се правеше за својата душа, за пензионирањето, за збогување со театарот. Сите посакувани улоги, се оствариле – од руски, југословенски, странски, секакви автори. Одиграв само 120 главни улоги, а за други да не зборувам.

Сте имале ли тажни моменти?

– Немало моменти кога не сум го сакала театарот. За мене театарот е храм на среќата. Таму го запознав и Салко, мојот сопруг. Театарот ми е втор дом. Сé што сум направила, минувало низ театарот. Одев со радост и со трчање. Со нетрпение чекав да одам в театар. Мојот живот е театарот, од семејството, сопругот до кариерата. Дури и сега се јавувам да се напијам со некого кафе, да наѕрам во гримиорните, да се нахранам со прашината на сцената. Душата ја греам со рефлекторите. Театарот е мојата лулка. Најмногу се радував во новата зграда во 1974 година, затоа што излеговме од бараки, и од ќумез отидовме во палата. Се надевам дека нема да ме заборават и ќе ме викнат на завршувањето на градбата и на новата зграда. Само да сум здрава и жива, ќе појдам в театар.

Играте и во пензија?

– Играм за прилепчани во “Арсеник и старите тантели”. Ќе имам збогување и со фестивалската извонредна традиција на прилепската публика. Милина е да се игра во Прилеп, кој го негува театарот, покрај сите влијанија на интернетот и другите електронски медиуми.

Доаѓа нова генерација во театарот?

– Задоволна сум од напливот на млади амбициозни и надарени актери. Туку се веќе многу надежни режисери, драматурзи… Се радувам дека не сум незаменлива, има подобри и пред мене. Театарот е во сигурни раце. Затоа душата ми се полни, празник ми е на очите и сите сетила кога ги гледам. Ако има премиера, да не појдам, ќе се разболам. И не пропуштам и се хранам духовно.            

Loading