СЕКОЈ ЗБОР НА КАНТАР

Лилјана Мазова, добитник на наградата за животно дело

Liljana MazovaИма стаж од околу четири децении. Во и со театрот. Неуморно ја следи театарската сцена. Лилјана Мазова е театарски критичар, а за себе вели  дека е службен гледач. Мазова била нераскинлив дел од МТФ. Го уредувала билтенот, водела тркалезни маси, била селектор, претседател на жири или член, доделувала награди и сега МТФ í ја додели најпрестижната – наградата за животно дело.

Театарот кај Мазови е семејна традиција?

– Многу години. Не паметам, од кога сум во театарот. Татко ми,  Иван Мазов, беше театарски критичар. Кога немало дома кој да ме чува, ме носеле во театар. Во семејството театарот е традиција. И ќерка ми е театролог. Имаме богато семејно искуство и информации врзани за театарот. Почнав како новинар. И новинар сум. Меѓутоа, за жал, денес новинарството не котира високо. Па се навикнав на тоа дека во суштина сум театарски критичар и публицист.

Може ли да се дефинира театарскиот критичар?

– Театарскиот критичар е службен гледач. Местото е во публиката, на сцената е актерот. Секогаш сум публика во најтешката уметност. Таа е жива. Претставата постои додека живее на сцената и додека ја бара публиката. Обврската како службен гледач, екстремно ја сакам. Единствена е. Не знам друго да работам, освен театар. Остануваме со актерите. Потоа доаѓаат: режисерот, авторот. Јас сум дневен театарски критичар, од дневен весник. Тоа е потешко. Мора да имаш свој став и за мене тој е многу битен. И кога претставата е одлична, и кога е лоша, мора да имаш став зад кој ќе застанеш. Не можеш некому да му угодуваш. Одговараш за секој свој збор.

Се лутат ли често актерите, режисерите од театарските критики?

– Апсолутно. И тоа најчесто. Се сеќавам на една анегдота со Ненад Стојановски. Како актер беше одличен, на пример, во “Хај Фај” а бевме и големи другари. Но, еднаш доаѓа лут, намуртен. Го прашувам, а тој отворено ми вели дека ми е налутен и ми рече: – Па, подобар бев од тоа што си напишала! Ненад, најчесто беше пофалуван. Останав на ставот на напишаното.

Дали ставот на театарскиот критичар останува како јавно мислење?

– Кај нас нема таква практика. Весниците, не се заинтересирани. Културата и не е многу застапена. Најчесто е на ниво на информација, или некоја афера. Еве, последно што слушав беше за големиот настан – светската премиера на “Соларис” во Виена. Бев шокирана дека тоа беше последна вест. Културата, редовно, е последна. Таков е односот. Првин политиката, па на крајот е културата. Театарска критика има ретко. Критичарите не така често се демантирани, затоа што лошата претстава сама одумира од репертоарот, а добрата останува и долго се игра.

Што се случува во македонскиот театар?

– Има неколку театри кои го фатија чекорот со времето: МНТ, театар Комедија, иако млад, Битолскиот, Прилепскиот, Турскиот театар… Наспроти сето ова, многу се инвестира во театарот. Се градат театри, сите ансамбли се подмладија. Некаде се гледаат резултатите, но треба повеќе квалитет.

Како да оживее театарскта критика?

– Се радував на секој млад човек кој ќе тргне по тој пат. Го бодрев. Ние имаме образовани луѓе, театролози, доктори на науки, но слаб е интерест на медиумите. Театарот не може да создава театарски критичари, туку медиумите.

Наградата за животно дело стигна од театарската фела?

– Оваа награда ми е посебно блиска. Ми рекоа дека е најзаслужена. Еден актер ми рече дека е среќен што е дел од мојата работа. Сум пишувала дека добро одиграл, но во друга улога дека бил лош. Искреноста е мојот мотив. Целиот живот е со и во театарот. Додека дишам, така ќе биде.

Loading