САБИНА АЈРУЛА – ТОЗИЈА, добитник на наградата за животно дело
Македонската актерка Сабина Ајрула Тозија, која ја гледавме во “Величествениот” и после Филиз Ахмет, која ја толкуваше улогата на Нигар Калфа, беше втората Македонка во најгледаната турска серија на нашиве простори. Таа повторно е дел од кастингот во мега ТВ серија. И овојпат се работи за турска продукција, а за улогата оваа позната глумица, која годинава се закити со награда за животно дело, не открива детали. На МТФ откри финеси од животот на релација Скопје – Истанбул.
Дали сте во филмска екипа со познати актери кои ги знае македонската јавност?
– Снимам серија што е на врвот на рејтингот, најгледаната во Турција. Играм со Чакар од Волците, со Ферхунде од Лисјата… Темата е мафија со оружје. Ја играм мајката мафија. Првата серија во која играв беше Величествениот, после бев во Скопје. Потоа дојде оваа понуда.
Каква улога играте?
– Бев уплашена и првин ја одбив улогата, бидејќи треба да зборувам на турски дијалект, што не можам тоа да го направам. Вторпат ме побараа и ми рекоа дека ќе ангажираат девојка која одлично го говори тој дијалект и ја вметнаа во серијата да ми биде помошничка. Се надевам дека ќе биде откупена и преведена и ќе се гледа и тука. Цело време сум на релација Истанбул – Скопје. Семејството каде што ви е, ве влече!
Потекнувате од традиционално турско семејство. Но сепак Вие станавте познато име на македонската театарска сцена, како и истакната актерка во повеќе телевизиски и филмски продукции во и надвор од земјава. Како избегавте од стереотипите?
– Потекнувам од не баш класично турско семејство. Моите беа етаблирани. Сепак мајка ми беше стара и не сакаше да слушне за глума. Се запишав на Економскиот факултет, оти немаше драмска академија. Додека таа мислеше дека студирам економија, почнав да се занимавам со театар. Веројатно í беше големо разочарување во почетокот, но со времето доаѓаше и ме гледаше в театар. Се навикна. Тоа беа други времиња. Имав голема поддршка од брат ми, кој беше актер – Рамче Мамут, што го играше во Итар Пејо. Можеби тоа помогна во патријархалното турско семејство да се прифати мојата професија.
Вашиот опус брои повеќе од 70 театарски ролји?
– Во едно интервју реков: Сите проститутки ги изиграв, селска проститутка, градска курва, ова, онаа… Штом те види режисерот, сé знае. Не само јас, сите ја поминавме таа фаза со годините. Првиот лик што го одиграв и направи пресврт беше лик во Гама зраците. Играв полуретардирана девојка и ми беше многу драго. Потоа дојдоа помладите колешки и им реков, повелете, земете ги улогите. Тоа е добро. Тодорка Кондо велеше, кога ги примале во театар, ги мереле со вратите, значи пазеле на физикусот на актерот. Сé си има своја цена. Во Драмскиот театар, тоа време дојде плејада актерки кои беа убави, односно, да не претерам, бевме убави.
Го игравте и ликот на Мајка Тереза?
– Бидејќи живеев 4 години во Рим, таму видов што значи Мајка Тереза. Си реков дека по првото враќање во Скопје ќе го одиграм тој лик. Венко Андоновски најпрво сакаше да напише монодрама, но не сакав и напиша фантастичен текст за кој куриозитет беше идната година, откако се вратив да ја играме претставата “Светица на темнината” сред Рим каде беа бискупите од Ватикан. Такви комплименти добив, и јас, но и како екипа. Амбасадорот ме запознава со бискупот и му вели дека ова е г-ѓа Сабина Ајрула – Мајка Треза. Кога ме виде, како што сум висока, само рече: Но, но посибиле, тоа беше едно ниско женче! Се смеев и реков: Но, тоа е актерска игра!
Се чувствувате ли во Прилеп како дома, затоа што често сте гостувале на МТФ кој Ви ја додели и најголемата награда за животно дело? Како ја примивте наградата и аплаузот?
– Не се надевав на толкав голем аплауз, за таквата поддршка, бидејќи после пензионирањето живеам во Турција. Мислев дека ме заборавиле, но не ме заборавила прилепската публика и посебна благодарност. Награда како награда. Имам доста, но оваа има посебно значење, бидејќи е актерска. Доаѓа од актери за актери и мислам дека е вистинска награда. Имам и државни награди, меѓутоа најдрага награда до сега ми била Актер на годината, на време што ја дадоа колегите, по неа и оваа, бидејќи доаѓа како круна на моето досегашно творештво.
![]()

