ЈАААААС!!!

ivce1Силен патриотизам блика од нас во последно време. Контактни емисии, новинарски коментари, дебатни емисии, политички говори, демонстрации, протести. И насекаде, централна тема – МАКЕДОНИЈА. Суверенитетот, идентитетот, јазикот. Зборуваме за јазикот, а јазикот на кој зборуваме како да е најневажното нешто. Си зборува секој како што ќе му текне. На оние што протестираат и не можеме многу да им забележиме за јазикот. Извесен дел од нив повеќе се искажуваат со физичко дејство, со кршење стакла, со фрлање јајца, камења и сé што ќе им падне до рака. Јазикот го користат само за пцости. Во таа област и ние Македонците не сме многу сиромашни, сепак, ете, се позајмуваат пцости и од српскиот јазик. Толку за протестантите.

А оние другите што ги споменавме, е тие, својот патриотизам го искажуваат исклучиво со јазикот. Главно, тоа се луѓе од општествениот крем. Новинари, аналитичари, универзитетски професори, високи политичари. Ги слушаме и се згрозуваме од нивниот речник. Што можеме да направиме?! Ништо! Тоа е непоправливо. Ни останува само да крикнеме од беспомошност. А крикот останува како крик во пустина. Никој не го слуша, никого не го интересира. Еве го нашиот највисок крик – ЈАААААС ! Новинари, политичари, аналитичари, професори, интелектуалци и сите други знајни и незнајни, зошто досега не сфативте? Зошто не разбравте и не научивте дека личната заменка во прво лице еднина, во македонскиот јазик гласи ЈАС, а не ЈА. “Ја као новинар“ ќе ви рече патриотот, родољубецот кој се истопорил на екранот и ја брани Македонија. И не е само тој. Сите што ги набројавме претходно. Сите, со многу ретки исклучоци. А зошто сите тие забораваат дека во македонскиот јазик прашалниот збор гласи ЗОШТО, а не ЗАШТО. Зошто овие недоследности ги слушаме токму од тие луѓе? Зошто од тие и од такви луѓе сé уште слушаме да се вели ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКАТА? Разберете, зборот РЕПУБЛИКА го означува само општественото уредување, а човекот е ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА или ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Ќе му простиме  на оној од метеоролошката управа, кој ни соопштува какво ќе биде времето во РЕПУБЛИКАТА, наместо во ДРЖАВАВА. Да беше во Холандија сигурно ќе нé известеше какво ќе биде времето во КРАЛСТВОТО.

Зошто овие луѓе што ги споменавме погоре, упорно го употребуваат изразот – ТАКА ДА?! Тоа е неуспешно помакедончување на српското – “Тако да“. Во најголем број случаи тој израз е непотребен и не значи ништо. Треба да се одбегнува, но ако веќе се употреби треба да гласи – “Така што“. А нашиве луѓе, во недостаток на изразни средства, на секоја втора реченица – “Така да, така да“. Кога ќе се растакадакаат, па достага да му падне на човека кога ги слуша.

Редовно слушаме за многу тужби, кривични пријави, обвиненија и слично. Го изнаслушавме зборот – ПОКРЕНА. Некој ПОКРЕНАЛ обвинение против некого, некој ПОКРЕНАЛ постапка и што уште не?! Новинари, судии, обвинители и сите вие, зборот ПОКРЕНА не е наш. Тој доаѓа од српскиот глагол КРЕТАТИ се (покретати) Србите имаат ПОКРЕТ, ПОКРЕТАТИ, КРЕНУТИ и така натаму. Кај нас тужба се ПОДНЕСУВА, постапка се ПОВЕДУВА. Зависи од случајот, кој збор ќе се употреби, но ПОКРЕВА не може и не треба во никој случај.

Затоа, уште еднаш еве го беспомошниот крик. Кога не може нешто човек да измени му останува само тоа, да крикне.

Послушајте патриоти, родољубци, македониљубци, прекалени борци за македонштината! Запомнете, во македонскиот јазик личната заменка во прво лице еднина гласи ЈАС, а не ЈА.

Прашалниот збор гласи ЗОШТО, а не ЗАШТО.

Запомнете:

ЈАС!

ЈАС!

ЈАС!

ЈАС!

ЈАС!

ЈАС!

ЈААААААС! 

Loading