„ДРЕВНИОТ СОН“ ОД ЧАТЛЕСКИ ЈА НАПОЛНИ МАЛА СТАНИЦА

Polno posetiteli na otvoranjeto na izlozbata od Toni   Catleski

Националната галерија на Македонија – Мала станица во Скопје беше претесна да ги прими сите посетители на отворањето на изложбата на слики „Древниот сон“ од Тони Чатлески. Љубителите на уметноста и уметниците беа воодушевени од 90 слики, што е реткост за македонските културни  простори. Силни импресии остави творештвото од различни периоди и форми изразени преку сетилната сензација и интелектуалниот ангажман на уметникот.

Горанчо Ѓорѓиевски за творештвото на Чатлески вели дека низ циклусот се бараат одговорите за смислата на животот, каде е евидентно прочистувањето на визуелната палета и филозофијата за сопственото постоење, пренесено низ призмата на надреалноста на сонот.

– „Древниот сон“ ги материјализира и презентира сите интимни состојби и ситуации кои уметникот го провоцираат на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи мега ризница на минатото – во иднината. Уметникот преку реалноста на сонот свесно или несвесно креира свои микро светови со што учествува во она што го нарекуваме создавање на реалноста на живеењето – додава Ѓорѓиевски.

Идната недела Чатлески во Скопје ќе се претстави со портрети во галеријата Безистен.

Loading