ПОБЕДА СЕ САКА ВО АВСТРАЛИЈА

Фудбал: Александар Кимоски, навивач од Мелбурн

– Кога ја гледам публикава ми се враќа сликата од детството

Sekade so imileniot tim vo srceto - Aleksandar   Kimoski

Победа влезе во Првата лига, а најголема вредност, покрај пласманот, претставува враќањето на публиката. Управата, тренерите и играчите со своите резултати и односот придонесоа за преполнување на северната трибина и добро исполнување на западниот и јужниот дел од големата трибина. Глетката е прекрасна од амбиентот на илјадници црвени и бели знамиња, веани од навивачи од сите генерации и не само од градов. Меѓу нив беше нашиот Австралијанец, Александар Кимоски.

Од каде доаѓате?

– Од Мелбурн. Таму сум од 1970 година. Заминав кога имав 19 ипол години. Досега трипати сум дојден во родниов град.

Вашата приврзаност за Победа?

– Како дете го засакав фудбалот и Победа. Редовно гледав тренинзи и натпревари оти седев во близина на стадионот.

Што паметите од тоа време?

– Сите играчи: Живко Ѓорѓиоски, Цане Конески, Гарбески… Исто тренерите, како Радовиќ…

Некои детали од натпреварите?

– Последен натпревар од тоа време, кога првпат се вратив 1977 година, беше мечот од Втората југословенска лига со Приштина. Добро се сеќавам дека му ја скршија ногата на Рубин Ѓорѓиоски.

Информациите на далечниот континент?

– Преку радио имаше преноси. Одма разбравме и за казните. Но, се помина и пак сме прволигаши.

Пролетва првпат сте на стадион?

– Првпат. Имаше натпревар и со Љубанци пред две недели, ама не знаев дека е во сабота, мислев како порано во недела. Бев зафатен со реновирањето на куќата и со подготовка на свадбата за ќерка ми. Но, овој меч со Велазерими не го пропуштив.

Како се чувствувате на стадион?

– Многу убаво. Кога ја гледам публикава ми се враќа сликата од детските денови. Градов уште го сака фудбалот како некогаш.

Следниот натпревар е прволигашки?

– Чекам со нетрпение. До крајот на август сум тука и ќе можам да фатам два – три меча. Овде на малава трибина ќе ме видите. На истово место.

Одмор до 15 јуни

Во вторникот фудбалерите на Победа го имаа последниот тренинг, со кој се означи крајот на сезоната. Тренерот Дарко Крстески одреди одмор до 15 јуни. Играчите имаат пред себе активен период, со програма што треба да ја извршат. Засега сите остануваат, а извесни се засилувања. Наскоро ќе има ждрепка за распоред на есенскиот дел од прволигашкото првенство. Познати се осум противници: Вардар, Шкендија, Работнички, Силекс, Шкупи, Брегалница, Ренова и Македонија ЃП. Деветтиот ќе биде победникот од баражот Турново – Пелистер.

Реконструкција на стадионот

Многу скоро се очекува реконструкцијата на стадионот “Гоце Делчев”. Нов лик ќе имаат трибините, а ќе се менува и тревната површина. Останува да сочекаме дали и до кога ќе има можност за одигрување натпревари. Желбата е да има барем едно големо есенско дерби, за да се наполнат трибините со 10 илјади гледачи.

Loading