Нов успех на семејството Јованоски

Во Беране, Црна Гора и во Валона, Албанија, се одржаа светски купови во прецизно слетување во цел, а штом ја споменуваме оваа дисциплина се знае кои се спортските јунаци – семејството Јованоски. Не беше лесно во десет дена да се учествува на двете места, но силната волја и желба да се претстави во најдобра светлина својата земја, ги надминаа сите пречки. Прво во Беране тимот на браќата Мартин и Борјан Јованоски, заедно со Словенецот Горенц и Британецот Вебстер го освои второто место. Силите како да се чуваа за позначајниот настап во Валона, оти освен куп, претставуваше и Претсветско првенство со 25 тима и 96 пилоти од целиот свет.
Во маката се познаваат јунаците. Така и семејството Јованоски. Екипно браќата беа толку прецизни во слетувањето што беа недостижни за најсилните ривали. Им припадна првото место, оставајќи ги под себе ривалите од Словенија, Чешка, Србија… Не е изненадување и пласманот поединечно. Ветеранот Миле Јованоски настапи како доктор по параглајдерство и го освои првото место. Првата и втората серија слета право в центар, без негативен поен, само во третата имаше три поени и за малку не постави светски рекорд. Постариот син Мартин е одличен со петтото место, а помалиот Борјан е 13 – ти.
На свеченоста примени се пехарите и медалите со интонирање на химната под уставно име – Македонија.
![]()

