ШКОЛАТА НЕ МИ СЕ ОСТАВА ОД КВАЛИТЕТНИТЕ ДЕЦА

Фудбал: Тони Наумоски, тренер на млади категории

– Нема план за шеф на стручен штаб

Po celi denovi na teren - Toni NaumoskiМеѓу најангажираните фудбалски тренери во градов сигурно е Тони Наумоски, некогашниот капитен на Победа. Повеќе од 15 години е сопственик на Школата од ФК Прилеп. Втора година секојдневно работи и со Спортската, фудбалска академија, која е вклучување во Лига системот на фудбалскиот клуб Вардар.

За што се работи?

 – Идејата почна од Мите Митев и Павел Неделковски, одговорни за младите категории во Вардар. Тие се организатори и нé поканија за учество на 6-7 турнири. Првиот е во Скопје, а предвидени се и во останатите градови, од кои последниот, при крајот на мај, во Прилеп.

Која е целта?

– Сакаат да го видат расположливиот квалитет на школите низ државава. Опфатени се пет генерации, родени меѓу 2003 и 2008 година. За нашиве деца е ново нешто. Со душа чекаа да излезат со врсници подалеку од регионов.

Што после турнирите?

– Треба да се разговора за наредната сезона. Ако се оцени задоволително, можно е продолжение на турнирите наесен. Претходно би било добро ако се потпишат договори за соработка на школите со Вардар. Можно е клубот да ги покрие трошоците за патувања, опрема и слично…

Вардар би ги земал најдобрите таленти?

– Секако ги пуштаме, дали во Победа. Металург… И досега одеа, никогаш не сме ги попречувале. Лани во Победа појдоа десетина деца од генерацијата 2001. Моментно 15-16 наши фудбалери играат по клубовите, главно стандардни првотимци, како Талески, Николовски, В. Петрески, Колевски, К. Петрески, Ј. Наумоски, Димитриоски, И. Мирчески, Радески…

Заработивте од трансферите?

– Ништо. Без договори со фудбалерите нема отштета, освен за незначителен износ според прописите. Договори не се прават, оти не можеме да ги исполнеме обврските. Не зедовме ништо и за Радески, кој играше за 11 Октомври, Металург и Шкендија.

Планирате соработка само со Вардар?

– Во прашање  е проба и ништо не е дефинитивно. Можно е со некој друг клуб кој истото ќе го понуди. Можеби Работнички, Партизан. Најдобро е тоа да биде Победа. Како што е бренд Вардар, бренд е и Победа, за која се надеваме дека ќе стане прволигаш.

Би биле ли шеф на стручен штаб?

– Не. Со Академијава сум обврзан. Имаме договори. Нема шанси. Првенствено ми е важна Академијата, каде добро работиме, тука е и Школата. Друго немам во план.

Нон-стоп сте на терените. Како издржувате?

– Засега се двајца тренери во клубот, Милошески и Димоски. Барам уште еден помлад, едуциран, да помогне околу стотте фудбалерчиња. Не ми се остава школата, оти имам квалитетни деца.

Loading