ДОВОЛНИ СЕ 20 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ДА ЖИВЕЕ КЛУБОТ

Фудбал: Круме Митрикески е тренер во 11 Октомври

– Задоволство е работата со голманите – вели искусниот стручнак

Aktiven vo penzionerski denovi - Krume MitrikeskiПролетва во третолигашот 11 Октомври со стручноста помага голманскиот тренер Круме Митрикески. Се враќа во клубот каде беше во најдобрата сезона, пред четири-пет години кога се постигна најголемиот успех, пласманот во Првата лига. За него не важи одредбата “мирни пензионерски денови”, оти уште бара предизвик, мотиви за активност.

Веднаш прифативте?

– Работата ми причинува задоволство. Сакам да остане некој резултат зад мене. Да рече некој, еве Митрикески ме научи ова и ова…

Кои голмани ги имате?

– Криза е, само младиот 16 -годишен Иваноски. Повозрасниот работи и не може да доаѓа. Останавме со еден голман и затоа барам барем уште две млади момчиња за голмани.

Како ги одбирате?

– Да имаат предиспозиции. особено физичката. Низок не може да биде голман. Потребни се долги раце, одраз. Со посебни вежби одразот се подобрува. Плус, да нема трема, да ја оценува дистанцата, дали треба да истрча. Но, најбитно е да сака да биде голман, да има силна желба.

Што друго е нужно во клубот?

– Тврдам дека за 11 Октомври се доволни 20 илјади евра. Со тие пари може да се спроведе систем на награди и обврски. На секој играч, ако му се дава по 100 евра за редовност, а му се намали 20 за недоаѓање, секако дека нема да отсуствува.

Што сега се случува?

– Во неделата игравме во Валандово. Без голови беше во првото полувреме, но во второто ни исклучија играч, Никовиќ се повреди и немавме замени. Тешко е само со 12 играчи, од нив двајца голмани. Загубивме со 1-0.

Тренирате на Градски?

– Еден терен за два тима. Така било отсекогаш. Со разбирање со Победа лесно се договораме околу користењето на теренот.

Братски клубови?

– Добар 11 Октомври е предуслов за добра Победа. Подобрите од 11 Октомври оделе во Победа. Тие што не можеле да изборат место во Победа, се враќале во 11 Октомври . Односите биле секогаш на ниво.

Што очекувате од сезонава?

– Опстанокот е обезбеден, но до водечките места не можеме. Немаме доволен играчки фонд, а нови немаме право да приклучиме. Екипата ја подготвуваме за повисок дострел за наредното првенство.

Фудбалерки со 2.000 долари плата

Бевте во САД?

– Во Детроит нашинците формираа женска екипа и ми побараа четири фудбалерки од државава. Убави услови им се понудени со 2000 долари плата, обезбедени стан и храна. Ако сакаат можат да заработуваат и со дополнителен ангажман – заврши Митрикески.

Loading